СЕМЕЈНО НАСЛЕДСТВО Е МУЗИКАТА КАЈ МИРЧЕСКИ

Генерации, генерации на ученици од повеќе основни и средни училишта ги следеле часовите по музичко кај професорот Славчо Мирчески и кај сопругата  Викторија. Сега и кај синот Ѕвонко. Расположен е за муабет пензионираниот наставник и долгогодишен диригент на пејачката градска група “Пере Тошев”, ветеранот Славчо, и на возраст од 80 години.

– Предавав во повеќе основни и средни училишта, како сопругата која до пензионирањето ми беше колешка како музички педагог. А крушата паѓа под круша. Музичкиот ген вирее и во двајцата синови, продолжувајќи ја семејната љубов кон музиката. Едниот, Ѕвонко, предава музика во основно училиште и  свири во групата на кларинет, саксофон и синтисајзер во групата “Прилепски еснаф”. Брат му, Љупчо, академски музичар и магистер, не е професор, но свири заедно во групата. Негови инструменти се саксафонот, бас гитарата и е клавирштимер и техничар. Во младоста свирев на хармоника, синтисајзер,  клавир и флејта. Кога застарев свирам по нешто за својата душа. Не сум којзнае колкаво “мажиште”, на старост, не се крепи хармониката на рамена – кажува Славчо.

Покрај педагог бил диригент на хорот во ОУ “Кочо Рацин”.

– Музиката ми е животен придружник од 1966 година, по завршувањето на Педагошката во Битола. Бев наставник по музика. Почнав да водам пионерски хор, прво во училиштето. Добивавме многу награди. Така, уште повеќе ја засакав  хорската музика. Тоа е моја “зараза”. Со училишниот хор се пееше двогласни, а потоа и трогласни музички творби. Диригирањето не е лесно, само мафтај со рацете. Не е така, особено во поодминати години. Со староста, тешко оди кревањето на рацете. Така се закитил со првата општинска награда на смотрите – кажува стариот музички педагог.

Првата награда секогаш била резервирана за хорот на Мирчески до пензионирањето. Со негова диригентска палка настапувале на регионални музички смотри и на републичките натпревари. Оттаму биле носени признанија за второ и трето место. Формирал и младинскиот хор во ЦК “Марко Цепенков”.  И со него нижеле награди во градов, во Битола и Тетово. За “влакно” не ја  зеле првата наград во Целје.

Во матичното училиште формирал оркестар, играорна и балетска група.  Доминирале со квалитет со оркестарот на хармоники во Делчево. Први и најуспешни биле со хорот и оркестарот со револуционерни песни на фестивалот “Курирче” во Кичево. Тој бил основач на КУД “Пере Тошев”. Настапувале граѓани, независно од возраста, како градско културно-уметничко друштво.

– Имавме посебна облека за натпревари надвор од градов. Секогаш се  бевме пофалени и вратени со благодарници, награди. Подготвувавме обработки на народни изворни творби и творби  со уметничка  природа. Снимивме и  видео настап пред манастирот Св. Архангел Михаил што се емитуваше на повеќе телевизии. Пеевме и црковни песни. Снимивме ЦД во дворот на манастирот Св. Димитрија во селото Селце. Настапувавме на Мариовско-мегленските средби. Пеевме во Тетово и Куманово, на манифестацијата Илинденски денови во Битола. Добивавме аплаузи во Белград, на Халкидики во Грција. Носители бевме на градската награда. Секаде бевме први – со воздишки се присетува Мирчески на диригентството.

Полни му се домашните витрини со лични признанија и како истакнат педагог меѓу кои и наградата Трети ноември. Посебно му е драга и се гордее со  наградата од колегите, “Кирил и Методиј”.

Loading