КАВАЛА – ИСТОРИЈА, ТРАДИЦИЈА И УБАВИ ПЛАЖИ

Грчки Монте Карло, Син град… Тоа се само дел од имињата со кои се именува Кавала во северниот дел од Грција. Скриен дијамант, кој потсетува на потковица која се завиткува околу заливот.

Кавала е еден од најубавите грчки градови. Се карактеризира со посебна историја, култура, со архитектонски зданија, со убави плажи и најважно, топло море. Град во кој е споен истокот и западот, што се гледа на секој чекор. Четврт град е по големина. Оддалечен е од Солун 150 километри. Изграден е во подножјето на планината Лекани. Живеат околу 55.000 жители.

Градот е поделен на два дела – стар, Палиа поли, и нов, Неа поли. Поголемиот дел од жителите живеат во новиот дел, но душата на градот е стариот дел со малите улички и куќите под тврдината, замокот Кастро. Прошетајте низ градот, посетете го замокот кој доминира над градот. Тоа е византиско утврдување од 15 век. Оттамуе величенствен поглед од 360 степени. Атрактивен е и аквадуктот Камарес, кој заштитен знак на Кавала. Потекнува од 16 век. Го изградил султанот Сулејман Величенствениот, а го обновил Мехмед Али, владател од Египет кој потекнувал од градот. Преку оваа градба некогаш жителите се снабдувале со вода, а денес е симбол на градот. Аквадуктот има 60 лакови во впечатлива градба. Светилникот од 1890 година, под кој се спуштаат стрмни скали до карпа, е уште една од атракциите во градот, а оттука погледот кон синото море е бескраен. Имарет, извонредна градба од отоманскиот период, крената од Мухамед Али, која работела како училиште за ислам, па била дом за бездомници, а денес е хотел, кој плени со својата автентичност.

Шетајќи низ Кавала можете да стигнете до Музејот на тутунот, бидејќи градот некогаш бил познат по дистрибуцијата на тутун. Имало преку 50 тутунски фирми и илјадници христијани, евреи и муслимани кои биле дел од тутунската индустрија. Кавала има и музејот на восочни фигури со грчки и светски познати личности.

Може да се  види и Халил Беј џамијата, изградена врз темели на црквата Св. Петка. Куќата на Мухамед Али е одличен пример на отоманското владеење, црквата св. Никола, Наутичкиот музеј….

Прошетката низ стариот дел завршува пред бројните кафулиња и ресторани. Доколку пронајдете место, седнете напијте се кафе, вкусете грчка салата со узо, гиро за ручек или баклава за десерт. Оттука е најубавиот поглед на морето.

Мерак е летно разладување во тиркизните води и прошетка по песочните плажи.              

Доживејте ја Кавала во најубаво светло!

Текст и фото: Каролина Мицевска

Loading