ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 20

Откога се посозеде, Манол стана од седиштето и полека го испразни торбето. Ставитенџере со долга рачка на решото и го приклучи. Додека јадењето се готвеше, на архаичниот грамофон кладе една плоча слушана стотици пати. Почна да ја поставува софрата на масата разнишана колку и трите столици.

о   о   о

Ги отвори очите и изнурна во реалноста. Зградата беше тивка, заспана, темна. Што го разбудило? Немаше потреба да појди во тоалетот. Во темницата се слушаше сам неподвижен, со очите свртени кон вратата. Во големата тишина, зад тенката пеграда, слушна придушен шум. Си рече дека тоа се боси нозе, кои чекорат брзо и претпазливо.

 “Младиот сосед пак има посета”, си рече. Иткако послуша уште, заклучи дека не ќе биде таква работата. Треба да беше друго нешто. Би се рекло дека тоа беа луѓе кои трчаа и наедно се обидуваа да го приглушат шумот од нивните чекори. Нешто како гонење. Некој бегаше, беше бркан. Од време на време застануваше скриен во некој ќош. Низ тесниот отвор вдолж долниот раб од вратата очите од Манал видоа, појасно меѓу тој отвор и прагот, светлини што повремено се појавуваа: модри – виолетови – црвени – портокалови, заслепувачки бели како флеш од магнезиум. При секое појавување се слушаше слаб звук, како иссвирување и брмчење. Тој шум немаше ништо еквивалентно, не беше можно да се спореди со нешто познато од ушите на стариот човек. Стана со напор, ја приклучи крајкреветската ламба, наметна преку своите скелетски рамења куќна роба готова да се распадне на партали. Поткашлувајќи, подгрбавен се упати кон вратата и со својата исушена рака ја отклучи и ја отвори. Во тој миг осети на рацете и на лицето струја студена како мраз. Потоа чувство на изгореност на истите места. Губејќи ја рамнотежата, се задржа со едната рака за рамката од вратата, а со другата на кваката. Ја подаде главата надвор, погледна лево во коридорот, потоа десно. Му се стори дека виде нешто, ама што? Како да исчезна лево, кон скалите, и потоа ништо повеќе. Ја затвори вратата и тргна натаму. Ништо. Не, нема да слезе да види долу, многу ќе биде тешко потоа да се искачи по бескрајните степени од скалите! Два спрата се многу, премногу се. На враќање, намина во нужникот и од славината си фрли неколку грста вода на лицето. Пак се заклучи во собата и одеднаш запре до вратата.

 “Има ли некој?”, праша Манол со својот слаб старечки глас.

Тишина. Сепак стариот имаше јасен впечаток на некое присуство. Дали некој влегол во неговата соба додека отсуствуваше пред малку?

Повтори: “Има ли некој?”.

Тишина. Ако имаше, каде можел да се скрие? Под креветот? Се загледа во креветот. Не, не е можно. Под него имаше два полни куфери со книги што Манол немал кураж, поточно сила, веќе три години да ги извлече оттаму и да ги разгледува. Таму немаше место за никого, одвај за еден глушец. Под масата тогаш? И таму не. Се гледаше дека под неа имаше само празнина. Каде тогаш во оваа соба што е пред неговите очи, и во која не можеше никој и ништо да се скрие? Во плакарот! Го отвори. Освен неколку стари облеки, немаше ништо друго. Навистина оваа малечка соба, сиромашно мебелирана со спомени без материјална вредност, што Манол уште не собрал сили, ниту желба да ги фрли, не можеше никого да скрие. Сепак беше  сигурен дека е набљудуван, дека тука беше присутен некој или нешто.

 “Најпосле, – гласно изговори, – знам дека сте овде. Тогаш останете, ако сакате, а јас ќе си легнам.” И како што рече, веднаш отиде до креветот и легна.

Продолжува

Loading