ЈОВЧЕСКИ МЕЃУ 40 ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ОД БАЛКАНОТ

Во Тирана

Градоначалникот Борче Јовчески учествуваше на самитот Б40 – Балканска мрежа на градови во Тирана. Тој оствари билатерални средби и разговарал со домаќинот градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, со градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и колегите од Сплит, Текирдаг, Тузи и Велико Трново.

Мрежата на градови од Балканот го отвора патот за соработка меѓу градовите и овозможува размена на позитивни искуства за решавање на урбаните проблеми, како и за зголемување на економската соработка меѓу бизнис секторите и проширување на своите пазари во мрежата на градови од Балканот.

Пред околу 40 градоначалници од сите држави од Балканот и високите претставници на меѓународните и европските институции Јовески го претстави Прилеп.

– Ги запознав присутните со местоположбата и големината на Прилеп, за значајната и богата историја, за природните богатства, за економските можности и бизнис климата. Претендираме во иднина да ја развиваме општината економски, општествено и културно, со вклучување на сите структури и да креираме инклузивна заедница, надградувајќи и продолжувајќи ја соработката меѓу градовите. Имаме амбиција заедно да креираме политики за унапредување на урбаните заедници во интерес на сите граѓани во согласност со европската визија – вели Јовчески.

Loading