ЌЕ СЕ ГРАДИ ПОКРИЕН БАЗЕН?

Според пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, агенцијата за млади и спорт обезбедила средства за изградба на затворен базен во Прилеп. Изработен е основен проект на типски затворен пливачки базен за рамен терен. Базенот треба да овозможи услови за одржување на настава по пливање, обука на непливачи, тренинг, рекреација и натпревар преку целата година за учениците, спортистите, младите луѓе и граѓаните од општината и пошироко. Објектот е наменет за спортови на вода, првенствено за обука на непливачи, односно обука на ученици од помала возраст, тренинг на деца и спортисти со понапредни способности во пливањето. Објектот ќе овозможува минимум услови за рекреација на граѓаните од сите старосни групи во термини посебно определени за таа намена.

При проектирањето се користени сите стандарди. Базенско корито треба да е за обука на непливачи и тренинг и рекреација на пливачи со димензии од 25 м должина и ширина од минимум 8,80м. Минималната длабочина е 0,8 м, а максималната 1,4 м. Просторот треба да е на слободна локација со сообраќајното решение за лесна комуникација и пристап.

Ова е четврта најава  за изградба на затворен базен.

-Обезбедивме средства за покриен базен во Прилеп. Докажуваме дека стоиме на дадениот збор. Градиме покриен базен за учениците, спортистите, младите и за граѓаните. Еве му шанса на градоначалникот Борче Јовчески да се разбуди од зимскиот сон и да се приклучи кон овој капитален спортски објект-  наведува Талевски.       

Loading