ЖЕШКА ЖЕЛБА

Еден овчар не крадел, не завидувал, не пцуел, не лажел, верувал во Бога. Бил личен и чист како солза. Намислил да се причести на првиот ден Велигден. Тргнал в црква на причесна. По пат сретнал една жена која го бендисала. Му рекла дека ќе ја израдувал ако í направел еден врел ќеф. Овчарот ја одбил, оти се исповедувал на Бога. Не сакал лошо да í стори на ду­ша­та, ниту на други. Чекал за причеста, а жената го молела до Бога.

-Со устата ништо нема да каснуваш, да се омрсиш – му рекла.

Мажот не í ја исполнил жешката желба. Овчарот заминал в црква, а жената го проколнала.

-Голем грев да те фати. Свеќите што ги палиш за здравје да ти ги гасат!

Во црквата купил свеќи. Гледал дека сите верници на грбот носат по еден самар, а попот два. Кога сакал да ги запали, свеќите гаснеле. Го гледале верниците и попот, додека се мачел, а свеќите не се палеле. Попот дошол да му поможи, а овчарот прашал.

-Не знам зошто не ми горат свеќите?

-Погледај во верниците. Што ќе забележиш? – му рекол попот.

-Сите верници имаат по еден самар на грбовите, а ти имаш два самари.

-Верниците имат по еден грев, а јас два грева. Сите гледаат како не ти горат све­ќите. Се прашуваат, колкав грев си сторил. Сигурно повеќе од два самари?

Човеков се исповедувал дека не убивал, не крадел, не лажел, ги постел сите денови за причеста.

Попот му рекол.

– Свеќите не горат, оти си сторил не­кој голем грев.

Овчарот се сетил на жената што не í ја свршил саканата работа, дека го проколнала да не му горат свеќите на првиот ден, Велиг­ден. Откако се исповедал, попот му рекол.

-Од гревот спрема жената, Господ ти пишал голем грев. Денес е голем ден. Секој сака со нешто да се радува. Таа сакала да í ја израдува душата. Требало да í ја исполниш желбата. Си ја одбил. Останала гладна душа, како да не си ја нахранил на празникот голем. Немаше со уста да јадиш и да се омрсиш. Ќе се причестеше и ќе беше праведен. Излезе од сите најгрешен. Господ ја заведува двојно грешката на празник. Пази се да не ја повториш грешката! – го опоменал попот.

Loading