„Под нулата“ – Како уметниците праќаат визуелна порака да се намали глобалното затоплување

Уметници од Прилеп испраќаат порака за борба со климатските промени и глобалното затоплување. Во мулимедијалниот проект „Под нулата“ на Викторија Димеска, групата  ликовни уметници ги истражуваат проблемите или решенијата. Секој уметник се зафаќа со одреден проблем, ликовно го образложува и ја претставува сопствената визуелна мисла со цел да ја информира и едуцира публиката за сериозноста на климатските промени кои се случуваат ширум светот. Идејата  за ограничување на  глобалното затоплување, која ја потпишаа речиси двесте земји со Парискиот климатски договор од 2015 година, ја засега и обврзува целата популација на планетата Земја. Ветија дека ќе си постават предизвикувачки цели за намалување на емисиите на стакленички гасови. Целта е глобалното затоплување да биде „многу под два Целзиусови степени“ до крајот на овој век. Може ли уметниците да пратат порака за свесност и поголема грижа да не се придонесе кон поголемо затоплување кое би го уништило човештвото, па дури и комплетниот жив свет на планетата?

ЗОШТО  „ПОД НУЛАТА“?

Во мулимедијалниот проект „Под нулата“ на Викторија Димеска учествуваат Анита Јовеска, Атанас Атанасоски, Бојана Артиновска, Викторија Димеска, Давид Атанасоски, Дарко Талески, Елена Димоска Николоска, Маја Ралева-Миладиновски, Марјан Стојаноски, Методи Исков, Филип Јовески, Филип Перески, Христијан Нашуловски и Христина Мазнеска.

                – Целите на проектот „Под нулата“ се надоврзуваат на естетските вредности на возвишеноста вградени во романтичарската идеја која настанала во 19 век од филозофијата и уметноста. Имено, во проектот се обединуваат восхитот кон грандиозноста и мистериозноста на природата, со современите концепти за одржлив развој и заштита на животната средина од глобалното затоплување. Според рускиот естетичар Јуриј Борев, возвишеното е објективно естетско својство, својствено за предметите и појавите што поседуваат широко општествено значење, вршат влијание за животот, за цели народи или целото општество – вели Викторија Димеска, дипл. историчар на уметност, автор на проектот.

Викторија Димеска, дипл. историчар на уметност, автор на проектот

                Според неа, загадувањето на животната средина претставува секојдневна реалност. Распространувањето на свесноста за заштита на севкупната биосфера треба да постане приоритет. Човекот со своите активности, исцрпување од природните резерви, натрупување разен отпад и загадување предизвикува сериозни промени и проблеми во природата. Земјата претставува отворен систем во постојана размена на материјата и енергијата. Животните средини имаат различни физичко хемиски особини кои што го условуваат развитокот на животните заеденици, објаснува таа.

                – Опстанокот на различните растенија и животни кои ги сочинуваат овие животни средини се темели врз нивната заемна поврзаност. Со помош на науката и технологијата, човекот успеал да оствари надмоќ во природата, но поттикнал синџир на неповолни тенденции непочитувајќи ги елементарните природни законитости – вели Димеска.

Со изложбата и со истражувањата кои ги спровела, таа смета дека речиси ја допрела само површината, затоа што многу е длабока темата и треба да се повика на многу поголема сериозност, а уметноста точно претстваува еден добар начин да се изразат сите тие позадински теории кои што можат понатаму да помогнат во, и на нови, интересни решенија, па како и во технологијата, така и во сите преостанати науки.

– Уметниците, учесници на проектот со помош на многубројни сликарски и цртачки, традиционални и комбинирани и експериментални техники, како и применетите нови практики во скулптурата, инсталации, слика објект, или реди мејд, пренесуваат моќна визуелна порака. Грижи се, и дејствувај денес, за безгрижна и чиста иднина – вели Викторија Димеска, дипл. историчар на уметност, автор на проектот.

                „ИЗБЕЛУВАЊЕ НА КОРАЛИТЕ“

                Уметниците преку разни ликовни медиуми и со помош на многубројни природни материјали создадаат автентични и проникливи визуелни решенија богати со разновиден ликовен јазик и семиотика, визуелно моќни да го привлечат вниманието на посетителот и да едуцираат за тековните состојби и услови во кои се наоѓаат разни екосистеми. Највисоките температури некогаш забележани, предизвикуваат топење на поларниот мраз и глечерите, како и зголемување на температурата на водата во морињата и океаните.  

Христина Мазнеска, ликовна уметница

Христина Мазнеска е ликовна уметница која се занимава со мултимедијални ликовни практики како илустрација. Нејзиното дело е насловено „Избелување на коралите“ и содржи две дигитални графики кои што всушност се комбинирана техника од традиционални материјали кои ги обработува дигитално.

– Пораката кои што моите дела ја носат, е како климатските промени и зголемувањето  на температурата на океаните влијае врз избелувањето на коралите кои ја губат својата боја и всушност изумираат. Некои ги губат своите хранливи материи. Односно ја губат својата храна од која опстојуваат и од коралите многу разновидни риби, всушност се хранат. И, како што ги губиме коралите и големите корални гребени во океаните, тоа влијае не само врз синџирот на исхрана. Не само што рибите изумираат потојано, туку влијае, има ефект врз човекот, врз политиката, значи ќе постои политичка нестабилност, ќе постои немаштија и сиромаштија и глад поради тоа што коралите изумираат – вели Христина Мазнеска, ликовна уметница.

Смета дека начините на кои што може луѓето да влијаат и да се справат со овој проблем од големи размери е да внимаваат како го рециклираат оптадот, да внимаваат какви детергенти користат во својот дом, поради тоа што она што поминува низ одводот, низ кујните и бањите, всушност има влијание. Токсичните хемикалии влијаат на целата околина и на синџирот на верижната реакција објаснува Мазнеска.

 – Доколку не се освестиме како луѓе нема да го надминеме овој проблем, така што апелирам на тоа луѓето да внимаваат каде го фрлаат отпадот и се разбира, се надевам дека за некоја година овој проблем ќе биде решен или пак на крајот ако ништо друго барем да ги освести луѓето – вели Христина Мазнеска, уметница.

ДА СЕ ВООЧАТ И ЗАЧУВААТ УБАВИНИТЕ

                Загадувањто на животната средина претставува секојдневна реалност, притоа распространувањето на свесноста за заштита и превенција на севкупната биосфера постанува приоритет.

Христијан Нашуловски, уметник

Текстилни рециклирачки материјали користи Христијан Нашуловски и неговото дело е насловено „Афтер ол или После се“.

– Инсталацијата го проектира новиот климатски простор и новите евентуални поклиматски тела. Во мојата инсталација ја таргетирам темата на новата возможна форма која би се појавила понатаму во дејствувањето. Пораката е дека ова е некаков потенцијал кој ние можеме како луѓе да го достигнеме, ако не преземеме никаква одговорност за ваквата катасрофа – вели Христијан Нашуловски, уметник.

                Бојана Артиноска Трпческа, освен што е учесник, таа е и организатор на изложбата. Заедно е со Викторија Димеска уште од самиот зародиш на идејата кога Димеска успеала да ги повика уметниците да творат и да ги мотивира.

Бојана Артиноска Трпческа, организатор на изложбата

                – Успеа да не’ натера нас уметниците да размислуваме, а потоа и пошироко, јавноста на саматa тема, на самиот проблем. Во моите две слики имам насликано едноставно мраз, темата беше “Под нулата”, а мојата идеја, инспирација беше самата убавина на мразот што постои насекаде и не само на мразот, туку на се’ што постои околу нас во природара – вели Бојана Артиноска Трпческа, организатор на изложбата.

Не само убавината на мразот, туку и сите убавини треба да се  се воочуваат, смета Артиноска Трпческа.

– Да се освестуваме, и со самото тоа осветсување, дека постои нешто убаво околу нас, се движи и не станало доцна, ќе се подигне самата свест дека треба и да го зачуваме – вели Бојана Артиноска Трпческа, организатор.

Уметниците се јадрото, силата и умот на едно општество, како авангарда, од нив потекнуваат идеи кои земаат замав, за да им се придружат пријателите, истомислениците на темата како да се придонесе кон намалување на затоплувањето.

– Постојат инцијативи од доста голем број уметници кои самостојно креираат, создаваат на темата, и кои што сакаат да истражуваат. Полето на истражување е доста широко и се надевам дека самата изложба ќе поттикне многу поголема свесност, а оттука и инспирација и креативност кај сите преостанати уметници – вели Викторија Димеска, авторот на мулимедијалниот проект „Под нулата“.

            Инаку, според Парискиот договор кој е правно обврзувачки меѓународен договор за климатски промени и потпишан од повеќе од 195 земји, главна цел е да се одржувааат глобалните температури „многу под“ 2 Целзиусови степени над прединдустриските времиња и да се ограничи количеството на стакленички гасови што се испуштаат од човековата активност и да може да се апсорбираат назад, природно преку дрвјата, почвата и океаните или преку технологијата.

Зголемувањето на глобалната температура  во споредба со времето пред почетокот на индустријализацијата во 1830 година, покажува дека денес, просечните температури се веќе повисоки за 1,2 степени. Според климатските експерти октомври 2023 година беше прогласен за најтопол месец досега забележан, и веројатно е дека 2023 година ќе биде најтоплата година досега откако температурите систематски се мерат.

Име на авторот: Светлана Ристеска

Фото: Светлана Ристеска

Оваа сторија е продуцирана со поддршка на регионалниот проект „SMART Balkans – Зајакнување на улогата на медиумите во справувањето со климатските промени“ имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (CRPM) и Институтот за демократија и медијација (IDM) и финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМФА). Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторите и не мора да ги одразува ставовите на Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМНР).

Loading