ОПШТИНСКОТО ЌЕСЕ ТЕЖИ РЕЧИСИ 29 МИЛИОНИ ЕВРА

Годинава

Најголем дел од средствата се за образованието…, а за капитални инвестиции се над 5, 5 милиони евра

. Во касата на општината годинава ќе се слеат речиси 29 милиони евра, од кои поголемиот дел се за образованието или околу 15 милиони евра за основните и средните училишта, за социјални тарнсфери за градинки…, а само околу 5,5 милиони евра се за капитални локални инвестиции. Меѓу нив се кружните текови на крстосниците на булеварот, “Гоце Делчев” и “Александар Македонски” и “Димо Нареднико”, потоа катната гаража зад градската кафеана. За кружниот тек на крстосницата на булеварот “Гоце Делчев” и “Кузман Јосифоски” кај Стоковната се чека само виза од СВР Битола за сообраќајното решение. Ќе има пари и за други проекти од инфраструктурен карактер.

– Капиталните проекти и програми имаат приоритет како што се изградба и реконструкција на улици и локални патишта, реконструкција на тротоари и пешачки патеки, одржување на вертикалната и хоризонталната сигнализација… Околу 700 илјади евра ќе се насочат за доизградба на градинката во Точила – вели градоначалникот Борче Јовчески.

Според локалната самоуправа, акцент е ставен на животната средина. Годинава 1,5 милиони евра се наменуваат за фабриката за рециклирање на отпад кај депонијата Алинци, каде ѓубрето ќе се користи како економски и еколошки ресурс. Ќе се субвенционираат трошоците за вода на социјално ранливите категории на граѓани, за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, за оброк за учениците во прво и второ одделение од основните училишта, за еднократна парична помош за новороденче, за стипендии на студенти, за културни манифестации и фестивали, за спортот и спортските манифестации. Ќе се доделуваат награди за талентирани ученици во основните и средните училишта, за награди за најдобар наставник во одделенска и предметна настава и најдобар воспитувач во детските градинки…

Локална власт успеа да ги редуцира долговите од речиси пет милиони евра за две години и да ги сведе на 800 илјади евра.

Loading