ИНВЕСТИРАНО ВО ОПРЕМА, АПАРАТИ И МЕТОДИ

Кети Смилеска, директор на ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Прилеп

“Нова медицинска опрема и дијагностички апарати набавени се лани во болницата. Инвестирано е и во методите на лекување, а се вложува и во инфраструктурата за подобрување на здравствените услови.  Ќе се подобри и екипираноста на здравствената установа за понуда на поквалитетна услуга на пациентите. Планирано е вработување на 70-тина од досега работно ангажираниот персонал со договор на дело, од кои 20 лекари со што трајно би се решил нивниот статус”,

За ова информира Кети Смилеска, директор на ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност, “Борка Талески”.

Лани се реализирани повеќе проекти?

Новина е кабинетот на нашиот ценет нов субспецијалист ендокринолог др. Катерина Маркушоска Чешлароска, за здравствените проблеми од ендокринологијата граѓаните да не патуваат во Битола или Скопје и се изложуваат на непотребни трошоци за болестите на тиреоидеа, лабораториски испитувања, третман и лекување. Комплетно нов лик има инфективното одделение. Беа преземени зафати за целосно реновирање првпат по изградбата, а беа неопходни во пост ковид периодот, а во кој голем број наши сограѓани беа згрижени на одделението.

Инвестирано е во опрема и за другите одделенија?

Набавени се 6 нови пациент монитори – ПРОВИЕЊ 12 (од германскиот производител медицал ЕЦОНЕТ) за службата за анестезија, реанимација и интензивно лекување за добра проценка на здравствената состојба кај тешко болни пациенти преку континуиран надзор над виталните функции, кои што се следат преку пациент монитори. Во ова одделение набавен е и видео ларингоскоп, значаен за современите лекарски  процедури.

Во акушерското одделение има нови апарати?

Болницата со сопствени средства набави ЦТГ апарат и пациент монитор за потребите на акушерското одделение. Апаратот ќе го подобри мониторирањето на бебињата и контрактилноста на матката кај родилките. Оваа опрема ќе го подобри интензивирањето во мониторингот на пациентките на одделението, особено во следење на нивната состојба по анестезирањето при породувањето.

Се осовремени и лабораториската дијагностика?

За болничката лабораторија набавени се два современи апарати. Станува збор за апаратите Бацт Алерт 3Д и Биофире Торцх. Со оваа најсовремена опрема се овозможува навремено откривање на причинителите и одредување на гените на антимикробна резистенција, со што се овозможува брзо, навремено и точно третирање на пациентите со таргетирана терапија.

Имплантација на вештачко колено се врши  пак, кај нас в болница?

Во ортопедско трауматолошкото одделение по подолго време е имплантирана тотална протеза на колено на пациент во нашата болница. Со оваа метода на операција на гонартроза им се излегува во пресрет на пациентите од регионов и за оваа метода на имплантација на вештачко колено да не патуваат во другите болници. Новите методи отвораат перспектива на младите лекари да се усовршуваат и во иднина да се стават во функција на болницата и пациенти кои би добиле најквалитетни услуги.

Имате соработка и со бизнис секторот?

Со помош на нашиот традиционален соработник општествено одговорната компанија Гентерм,  за одделението за уво нос и грло набавен е апарат за скрининг за контрола на наглувост на сите новороденчиња.

ПОТОПЛИ ОДДЕЛЕНИЈА СО РЕНОВИРАНА КОТЛАРНИЦА

Плановите за реализација во 2024 година?

– Комплетно ќе се реновира котларницата, со што ќе се унапреди процесот на затополување на болничките одделенија. Партерно современо уредување на дворот. За очното одделение во план е набавка на нова офталмолошка опрема за современата ФАКО метода. Во тек е постапка за набавка на најсовремена нова опрема за болничката лабораторија за забрзување и олеснето анализирање на сите земени примероци. Очекуваме скорешна набавка на ново современо возило за Службата за итна медицинска помош. Планирано е и комплетно реновирање и набавка на нова опрема и апарати во болничката кујна и пералната. Ова се само дел од плановите за годинава, за кои веруваме дека со докажаната соработка со Министерство за здравство и поддршка од Владата, ќе успееме да ги реализираме.

            ВРАБОТУВАЊЕ НА 70 ЛИЦА

            Според планот на Министерстрвото за здравство и Владата, во болницата, годинава, планирано е вработување на 70-тина лица од досега работно ангажиран персонал со договор на дело. 

Loading