ТУТУНСКИ КОМБИНАТ ГИ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНИТЕ ЗА ОТКУП НА ТУТУНОТ

За 10 проценти Тутунскиот комбинат Прилеп ќе ги зголеми веќе договорените цени за откуп на тутунот. Ваква одлука донесе бордот на директори.

– Зголемување на субвенциите за дополнителни 20 до 30 денари, по класи за предаден тутун, со кои првата класа ќе достигне поддршка од 100 или 110 денари, со буџет од 26 милиони евра, најави Љупчо Николовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според него, во 2024 година за тутунарите, покрај субвенционирањето по класи, се дава нова можност за поддршка, креирајќи нова мерка за основна субвенција по пријавена површина во висина од 6.000 денари по хектар.

– Сите тутунопроизводители ќе можат во исто време заедно со другите земјоделци да аплицираат и да пријават површини. Првпат тутунарите го остваруваат и правото за аплицирање за зелена нафта. И оваа мерка ќе  важи од 2024 година, зголемена за 100 отсто поддршка за сите земјоделци. Министерство за реколтата 2023 година има законска обврска да даде мислење за согласност на Сојузот на земјоделските здруженија, каде се задржува одреден процент од откупот на тутунот од секој тутунопроизводител за повереници. Ова задржување се намалува од 0,35% на 0,25%.. Значи, на секој тутунопроизводителите ќе му се задржуваат помалку пари – рече Николовски.

Тутунарите се задоволни од мерките.

– Нам, како тутунари, секогаш ќе ни биде малку и колку да се покачи цената. Истакнувам голема благодарност до ТКП и ги повикувам сите други компании да го следат овој пример и да ги покачат цените на тутунот. Ќе се направат анекси и ќе заврши агонијата од чекањето за непредавањето на тутунот – изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојуз на земјоделски здруженија.

Се очекува и другите откупни компании да го следат Тутунскиот комбинат.

Loading