НАМАЛЕНИ ДОЛГОВИТЕ ЗА ПОВЕЌЕ ОД 4 МИЛИОНИ ЕВРА

Локалната власт за две години

Со домаќинско и рационално менаџирање со парите на граѓаните, локалната самоуправа ги намалила наследените долгови од пет милиони евра, на 800 илјади евра.

– Со одговорно и чесно работење, после две години, успеавме преземените обврски од 292 милиони денари од крајот на 2021 година, да ги намалиме само на 47 милиони денари. Општината, која со моето преземање на функцијата градоначалник, наследи скоро 5 милиони евра долгови, ги сведе на помалку од 800 илјади евра. Реализирани се огромен број на проекти. Ќе имаме можност уште повеќе да ги подобриме условите за живот на сите прилепчани – вели градоначалникот Борче Јовчески.

Според него, ова е уште една потврда дека со доаѓањето на ВМРО -ДПМНЕ на власт, Прилеп со сигурност се враќа на вистинските патеки на успешно менаџирање со локалната самоуправа.

Иако биле оставени милионски долгови од времето на претходната локална власт, водена од СДСМ, Општината за две години се престрои меѓу успешните примери за квалитетно локално управување и се нареди меѓу 10-те најуспешни во Македонија. Впрочем, локалната самоуправа доби признание од ОН, врз основа на темелно истражување во 2022 година на сите општини во Македонија, според која Прилеп има одлична оценка за финансиското работење.

Јовчески е убеден дека работи во интерес на граѓаните. Уверува дека и во наредниот период посветено ќе се ангажираат заедно со претседателот на Советот, советничката група и директорите на јавните претпријатија и општинските училишта.

Loading