САЛЕПОТ Е ИЛАЧ ЗА ДИШНИ ПАТИШТА

Салепот е билка од која се користи коренот. Популарниот прав се добива со мелење на сушени луковици од планински орхидеи. Коренот има јајцевидна форма со две луковици. Поголемата го храни цветот, а помалата е резервна. Најчесто се користи резервната. Кога таа е отстранета, поголемата луковица генерира нови луковици и цветот продолжува да живее. Здравите, сочни и развиени луковици се откопуваат при цветање на билката или по прецветувањето. Корењата се мијат во ладна вода. Се оставаат неколку минути во топла вода да се деактивираат ензимите, па потоа се сушат на сонце. Поради големата количина на слуз, од коренот се приготвува густа, вискозна течност, која популарно се нарекува салеп.

Овој пијалак се препорачува при надразнетост на грлото и на горните дишни патишта, бидејќи надразнетата слузокожа ја обложува со тенок заштитен слој, па на тој начин го запира кашлањето. Се верува дека има и афродизијачко својство.    Содржи глукоманани – полисахариди растворливи во вода и се згуснувачи.

Приготвување: една кафена лажичка салеп во прав се меша со малку вода, додека смесата не се изедначи. Потоа се додава чаша млеко и се вари 5 минути со постојано мешање. Кога ќе згусне, напитокот е подготвен. Се зачинува со цимет или чоколадни трошки.

Салепот бил популарен пијалок во западна Европа пред да дојде кафето од Африка.

Loading