МИЛИОН ИПОЛ ЕВРА ЗА ФАБРИКАТА ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕ НА ОТПАДОТ

Пред седум-осум години почнатата инвестиција на Комуналец за изградба на фабрика за рециклирање на отпадот на депонијата кај селото Алинци ќе се оствари со обезбедени еден ипол милион евра. Според пратениците Петар Ристески и Ане Лашкоска прифатен е нивниот амандман за изградба на фабрика за рециклирање на отпад во Прилеп. Според нив, покрај еколошките, финансиските и економските предимства, вложувањето ќе овозможи отворање на нови работни места.

– Убедени сме дека градоначалникот Борче Јовчески во најбрз рок ќе почне со реализација на проектот и Прилеп ќе продолжи да биде лидер во државата со менаџирањето на отпадот и обезбедување на уште почиста животна средина за граѓаните – велат пратениците.

Директорот на Комуналец Рубин Абрашоски е среќен што се обезбедени средства за фабриката за рециклажа која стои почната, но поради недостиг на средства не е завршена, а има и обезбедено дел од опремата и се препознаваат контурите на халата.

– Овие средства се добредојдени за окончување на инвестицијата. Земјиштето е сопственост на Комуналец, па не ќе биде потребна експропријација. Изграден е и бунар за техничка вода. Ќе биде доведено квалитетно напојување со електрична енергија. Ќе се обноват деталите за ревитализација на вложувањето и ќе се направат правни и технички подготовки за градбата. Фабриката ќе придонесе да го преработуваме отпадот и да создаваме нови средства од ѓубрето што ќе ја подобрат вкупната финансиска кондиција на претпријатието. Од економските ефекти се и намалувањето на трошоците за транспорт и депонирање на отпадот што за неколку години ќе треба да се пренесува до регионалната депонија кај селото Новаци. Плус, фабриката ќе има влијание на зачувувањето на животната средина – вели Абрашоски.

Тој не посочи за колку време ќе биде завршена градбата.

Инаку, локалните власти го поддржуваат Комуналец со субвенционирање. На последната седница на Советот усвоени се сите програми на ЈП за 2024 година, во кои делумно финансиски учествува и локалната самоуправа.

За градскиот сообраќај два милиони денари

ЈП за просторно и урбанистичко планирање (ПУП) ќе добие од државата два милиони денари за подобрување на превозот на граѓаните во градскиот сообраќај.

Владата подели околу 800 милиони денари за рамномерен развој на општините.

Loading