ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 12

ПЛАНЕТАТА К 2-З – П-935

Изгледаше дека нешто го загрижило навигаторот Дано. Главниот пилот го праша:

– Што има?

– Не разбирам, – одговори Дано, а сепак ги проверив сите мои сметки…

– Што не разбирате? За кои сметки зборувате?

Навигаторот покажа на проѕирниот екран со светлечките вселенски карти:

– Во оваа зона од просторот, би требало да има една планета, населена со човештво, слично на нашето. Планетата е регистрирана во картотеката од нашиов компјутер под шифра К 2-3 – П-935.

– Да, и што тогаш?

– И што тогаш? Па ја нема, не постои. Таква груба грешка не е можно да има во нашиов компјутор! Од движењето на соседните планети, од карактеристиките на нивните еклиптики, се заклучува дека имаат поднесено влијание од некоја планета, токмо на местото каде не најдувам ништо…

Главниот пилот се насмевна:       

– Не барајте повеќе, драги колега. Вие сте нов во овие региони на космосот. Не сте во тек со некои локални промени.

Лицето од Дано доби навредлив израз:

– Знаете, не бев толку лош студент на Факултетот за вселенска навигација…

Главниот пилот побрза да го расчисти недоразбирањето:

– Лошо се изразив. Воопшто не се сомневам во вашата професионална способност. Вие не можете да бидете запознен со сите второстепени специфичности на зоните од просторот, што досега можеме да ги достигнеме со нашата технологија на вселенски патувања. Имате право кога велите дека на тоа место, – покажа со прстот на тридимензионалната карта, – има или, поточно имаше една планета.

– А каде е сега?

– Ќе ви раскажам, – рече главниот пилот, седнувајќи на фотелјата до навигаторот. Приказната не е многу долга. Слушајте, планетата К2-3 – П-935 беше целосно направена од скапоцени ретки материјали, злато, сребро, платина и слично. Таа беше еден вид рај во кој жителите располагаа со најважното за спокоен, среќен живот. Тоа човештво практикуваше трампа во своите трговски односи со други светови. Даваа материјали со кои нивната планета изобилуваше и добиваа небитни, излишни предмети, различни “џиџалиња”, играчки, петпаречки украси, женски долни облеки за стимулирање на сексуалните фантазии, филмови со насилства, порнографија и слично што, потоа, по 24 сати на 24 легнати во кревети, со јадење до нив ги гледаа, додека мускулите, па би се рекло дури и мозоците, им се атрофираа. Да добијат нови територии за експлоатација на ретките скапоцени материјали од кои беше составена нивната планета, почнаа да водат меѓусебни војни оти, за да можат материјалите да ги трампаат, прво беше потребно дадената територија да ја исчистат од нејзините жители. Така, за неколку генерации планетата сосема се смали. Пред пет години, нејзиниот дијаметар изнесуваше само десет метри и беше населена со една фамилија што беше жива, некој уважуван човек, неговата сопруга и нивните четири деца. Искушенијата не недостасуваа. Вселенските трговци и шверцери често минуваа и им предлагаа да трампат работи што не се неопходни за нормален човечки живот, за неколку кубни метри од скапоцените материјали од кои беше направена планетата, т.е. она што остануваше од некогашната планета. За да се ослободат таквите материјали, мажот и жената, едно по едно, ги исфрлија нивните четири деца во просторот каде веднаш умреа. Потоа, кога некој трговец им дојде со предлог за трампа, двајцата сопрузи се степаа. Мажот победи и ја фрли жената во меѓупланетскиот простор.

– И жената умре, забележа навигаторот Дано.

– Се разбира. Кој човек би можел да остане жив во такви услови, ама ние двајцата тоа одлично го знаеме. Мажот остана сам на неколкуте кубни метри злато, сребро, платина и не знам што друго, што остануваа од првобитната маса на планетата слична по големина на нашата планета Земја. Најпосле и нив ги трампил за некаква играчка, не знам каква глупост и, со играчката под мишка, облечен во вселенски комбинезон со резервоар со воздух за дишење, јавнат на автономен вселенски мотор, зашетал низ просторот и така некаде мизерно умрел.

Една итна маневра го прекина разговорот. Додека главниот пилот се окупираше со извршувањето на маневрата при движењето од вселенската гемија, навигаторот ја избриша од меморијата на компјуторот планетата што повеќе не постоеше, и со неколку серии знаци ја запиша накусо приказната што ја чу од својот колега.

 (продолжува)

Loading