ВО ЏЕБОВИТЕ НОСЕВ ДУРИ 25 ТЕЛЕФОНИ!

Живот: Ѓоре Ристески, поранешен економ во Победа

Клубот Победа беше бренд, така што во “златните времиња” таму не само членовите на управата, тренерите и фудбалерите, туку и останатиот персонал беа како јавни личности – нема кој не ги познаваше низ Прилеп. Дури и економот, домаќинот во клубот беше ценет, почитуван. Долг период таа одговорна задача и секојдневна грижа за педесетина луѓе ја извршуваше Ѓоре Ристески, дотогаш технолошки вишок од компанијата “Еуроинвест 11 Октомври”.

– Во Победа дојдов 2000 година. Немав работа, и секој ден, како голем фудбалски љубител, одев на стадионот. Помагав отстрана, и на теренот. Уште со Перуџа, претходната година, параглајдер слета и ја спушти топката на центар, а јас му ја дадов на судијата. Ме забележаа претседателот Хари, директорот Ацуле и спортскиот директор Манта. Ми пријде Мантата: Здраво! – Здраво! Слободен си? –  Слободен сум. Можеш ли да идиш со нас? –  Можам – ни минута не требало за договор.

Почнува во Победа да биде економ, човек што се грижи за клупските простории да бидат чисти, да им биде се на располагање на фудбалерите и тренерите, за цела опрема… Дури е и масер, покрај Драган. Напомош му е Летка – во врска со перењето и сушењето на опремата, како и уште еден Драган – од Мало Коњари. Вели дека со неговото доаѓање во клубот настанува “реформа”. Не може да трпи состојба на неред како во минатото, како што вели “ќор дал –  слеп зел”.

– Веднаш изготвив картички за цела опрема што беше: тренерки, чорапи, шорцови, костобрани… За се си имаше посебна картичка. Се знаеше состојбата – колку се стари, колку се нови, кој ги должи… Ретко беше така средено по клубовите. Единствено во скопските Вардар и Македонија ЃП. Во Ѓорче Петров беше милина, како аптека. Така и кај мене. И тренерите Џиџи и Јонуз, секаде каде што одеа им велеа на другите да земат пример од Ѓоре, од прилепска Победа – со задоволство се присетува Ристески.

Каде е Победа, таму и тој. Секоја втора недела е во различен град, во друго место. Нема каде што не бил низ Македонија, само во Маврово на подготовки можеби дваесетина пати. Не може точно да изброи ниту во колку држави има патувано. Може да раскажува надолго и нашироко за историските дуели со романската Универзитатеа и италијанската Парма. На патување кон Романија се тргна две недели порано, низ Србија, со престој во Лепенски Вир. Уште од Прилеп му даваат торба да ја носи до Скопје, за Боби Милевски, сегашниот селектор. Козјнае од кои причини, Боби не се појавува во Скопје, па тешката торба Ѓоре ја носи со себе 15 дена, дури до Крајова, Романија и назад до Прилеп.

– Тогаш тренер беше Никола Илиевски – Џиџи. Ја елиминарме Универзитатеа, скокавме по маси, а на враќање автобусот целиот се тресеше од нашата радост. На ред беше Парма. Во Скопје се играше. Повеќе дена бевме таму. Низ Скопје посебен режим, секаде полиција свири-пишти. Обезбедување за Победа за поминување со автобусот, исто како за некој самит.  Совреме бевме сместени во хотел на Водно. Пред секој тренинг бев на мака. Како домаќин ме наполнија со мобилни телефони. Им беше страв да ги остават. Сите ми ги дадоа, 25 беа во мене да ми тежат. Станав за да играм, имаше едно оро многу убаво, не можев да скокам како што треба – не ја пропушта и таа сцена.

Ристески беше економ 15 години, освен во Победа и во 11 Октомври и Корзо.

Чував часовник од 8 илјади евра

– Фудбалерите ми беа другари – Панче Ќумбев, Баче (Благојче Ѓорѓиоски), Игор Николаевски, Раде Каранфилоски… Не ме оставаа, каде тие – таму и јас. За Тони Мицевски немам зборови. Ми вели најголема доверба имам во тебе. Имаше часовник од 8 илјади евра. Ми го даде да го чувам и на подготовки, и на натпревари, и на тренинзи.

Loading