ПАРТИСКА ПАЈАЖИНА

Тешко болниот здравствен систем, неподносливата смрдеа на корупција и непотизам што се шири од сите пори на општеството, катастрофално лошата реформа, ако воопшто може да се нарече реформа, во образованието; немањето капацитет за сместување на деца во градинките, пензискиот систем што е легнат на смртен одар, с’уште високата невработеност, ниските плати, нерешените станбени прашања, бавниот економски раст, продлабочувањето на нееднаквоста во општеството, односно јазот меѓу богатите и сиромасите, немањето правна држава, уривањето на општествените вредности, непочитувањето на човековите права, чувството на несигурност за себе и потомството, многубројните афери на властодршците од сите партии, чувството на безнадежност и негледање перспектива во иднината, ничкосаните морални вредности… се дел од најзначајните причини кај нашиот народ за напуштање на родното огниште и замандалување на портите.

Сепак, има уште една, според мене, можеби најзначајна причина за празните нишалки и лизгалки каде пајаците слободно ги плетат прецизните нишки од нивните мрежи. Тоа е длабоката партизираност на државата гледана како апарат. Тоа претставува канцер или “сидро кое ја влече назад” (еден политичар велеше дека сидрото влечело напред!). Проблемот е што овој “канцер” не може да се изолира и предизвикува уште некои други тешко излечливи болести за државата, како на пример огромниот административен апарат кој, пак, е преголем благодарение на партиските вработувања, односно како благодарност на партијата кон партиското членство за одредени партиски активности. Тој, пак, партиски административен апарат, наголемо се користи како сигурно гласачко тело при избори и… Голем дел е несоодветен кадар, вработен само според партиски критериуми, а никако според квалитет и стручност. И поради неспособноста, од една, и заштитата од партијата, од друга страна, не ја врши работата за која е платен, или извршува работи според партиски налог. Тоа е причина за незадоволство и револт кај граѓаните од чиј данок овие партиски административци земаат плата. И така во круг. Затоа сум убеден дека без департизација на системот, оваа наша Македонија не може да биде саглам држава. Најголемата иронија е што за департизацијата постојано зборуваат и ја ветуваат партиите во предизборијата, а така ќе биде и во следниот предизборен период во 2024 год, а сепак ниту една партија, откако ќе дојде на власт, на централно или локално ниво, ништо, ама баш ништо не презема на тој план. Напротив, партизацијата продолжува со несмален интензитет. Расти и револтот кај младите. Затоа цели семејства го бараат излезот од овој лавиринт во туѓина.

Не мора да одиме подалеку. Еве на локално ниво, очебијно е колку се партизирани сите работни позиции за кои е “надлежна” општинската власт. 100 отсто!!! Јас немам чуено некој искрено да се пофали дека се вработил на некоја од овие позиции по регуларен пат, преку селекција за стручност, а да не е партиски обоен. Или барем привидно “се обоил” со партиски бои, знаејќи дека тоа е услов да влезе во потесниот круг на должници на партијата. Да, да “должници”, зашто нивните партиски долгови не се завршени, односно допрва ќе се активираат и ќе треба, на некаков начин, да í се оддолжат на партијата за вработувањето. Сведоци сме дека ниту оваа локална власт не презема ништо за департизација, односно да ги задржи младите во Прилеп. Напротив, прави сé да ги “охрабри” да ја напуштат Македонија. Прилепчани се со изневерени очекувања, зашто í дадоа огромна доверба на оваа политичка гарнитура на локално ниво, верувајќи на ветувањата за подобро утре, но, за жал, добија полошо утре. Поарчени уште две долги, мачни и , што е најважно, неповратни години од животот на прилепчани, особено на младите и, уште многу запустени дворови. За жал, никој не гледа светло во тунелот, па за очекување е дека и следните две години ќе поминат со темни улици и повеќе пајажина. Еклатантен пример за тоа колку партизираноста им штети на прилепчани е фамозната нова, односно веќе остарена, градинка во Точила. Веќе две години е речиси изградена иуште чека да прими дечиња. Една од причините за одолговлекувањето на приемот на дечиња е партизација на кадарот. Се работи за меѓупартиска расправија за тоа чиј партиски кадар да биде вработен во градинката, партиски членови на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ? После долги и мачни преговори, било решено вработениот кадар да биде 50-50. Половина од вработените од ВМРО-ДПМНЕ, а половина од СДСМ, бидејќи едните ја градеа и владеат на централно ниво, а другите владеат на локално. Додека се договорија, дечињата заминаа по други градинки, во туѓина!

А пајаците уште некое време ќе плетат пајажина по нишалките во дворот на градинката.

Да знаете дека и тие, пајаците и нивната пајажина, се партиски!

Протоереј Љупче Петрески

Loading