„ЗАПЛАКАЛО Е МАРИОВО„ И ЗА ЗОВИЌ

Мистериозното мариовско богатство отсекогаш е привлечно за авантуристите. Црна Река која го пара Мариово секогаш е атрактивна за археолозите, дивите копачи, рударите… Мамат да се допрат грамадните голи карпи, остатоци од тврдини и гробници од античкиот период, мермерни остатоци од цркви, грниња со злато, високи древни дрвја и што ли уште не. Итрите мариовци раскажуваат за убавата девојка Марија, грабната од Турците, по која Мариово го добило името. Таму се слуша легендата за Црна Река која секоја година земала по една жртва, за Расимбеговиот мост, за мариовските манастири, за светците овековечени на карпи.

Витолиште во прилепско, Старавина во битолско и кавадаречкиот дел се сржта на Мариово. Во двете триесетината села живеат помалку од 500 жители. Најретко населена област била мака за освојувачите во историјата. Затоа останала слободна. Но, не одолеа на миграцијата. Жителите се возрасни, стари над 50 години. Бебешки плач козјнае кога последен пат се чул. Нема кој да го заниша мандалото на камбанаријата на селскатае црква. Од време – навреме удира ѕвоното да каже дека Мариово останало уште со некој жител помалку. Мариовско-мегленските средби ги подгреваат мариовците, распрскани по светот, да се соберат на старото огниште еднаш годишно и да ја натопат земјата со солза. Лелекот на душата ги успокојува сеќавањата кои тлеат во нив.

Прилепскиот дел е сув поради ретките и мали водотеци и честите  суши. Битолскиот е повлажен и побогат со вегетација и вода. Селото Маково е почеток, граница на Мариово со Битола.

Селото Зовиќ е уникатно. Тоа е второ од 11-те мариовски села во битолско. Закотвено е близу грчката граница во подножјето на планината Ниџе. Селото е со мариовски атрибути, со камени куќи во мариовска архитектура и прекрасни дрвја. Зовичките моми биле надалеку прочуени по убавината. Често завршувале како невести кај чанишките ергени кои на магаре ги носеле од Зовиќ преку трупа до селото Чаниште во прилепско Мариово. Селото е атракција и раритет. Дише со чист воздух, а кладенчињата ја гасат жедта лете и му даваат шарм на амбиентот. Бројните фрески на карпи се видливи сведоци дека верата чисто дише кога е под ведро небо и во природа. Нема граница за љубовта кон Бога. Карпа со насликан светец бдее во близина на уникатниот зовички камен мост преку кој се преминува од прилепско кон битолско Мариово. Личи на потковица, односно има форма на свод и е без ограда. Широк е околу четири метри. Граден бил од Турците, а поправен во поново време поради честите раскопувања на камените плочки од трагачите на злато. Под мостот со кроток тек тече Градишка Река. Името го носи по наредното село Градешница, а извира во близина на врвот Кајмакчалан. Минува низ природни брзаци. Бистрата вода се собира во поголеми вирови со преливни нијанси на зеленикава боја со ситни рипчиња. Се разладуваат зовичани кои со гордост реката ја нарекуваат ,,Наша,,. Тече низ природна средина, иако просторот е див. Мазните карпи ја смируваат разбрануваната вода. Подолу врви низ длабока клисура завиткана со гранитни карпи во кои се слуша ехото на природата и говорот на водата. Многуте растенија и грмушки му даваат топлина на каменото корито. Под мостот, на закосена карпа, се натокмила калемена автентична воденица, која надојдената вода неколкупати ја уривала и ја носела, но пак била обновувана. Мостот е атрактивен за режисери на филмови. Има и остатоци од тврдина и од градска населба. Зовиќ е рај за авантуристи, за алпинисти… Огромната клисура мами и плаши со величината. Подалеку, на едно ритче, мир дава мала бела црквичка околу која се распослале бели уникатни ,,школки,, како полжавчиња. Останаат во сеќавање како необичен бел тепих кој крцка под нозете. Ретките стада овци поздравуваат со блеење и милиот звук на ѕвонците на овните. Милина за очите, за слободно трчање и тркалање на ливадите. Опива мирисот шумата. Навечер, на природен душек постои можност за восхит на ѕвездениот небесе јорган. Сетилата се активираат и на искрите на логорскиот оган и мирисот на печени колбаси на стапче. Небаре волшепство на природата. Плени старински декор во камената селска куќа чие приземје било за добитокот, а катот за мирно сонување на железни кревети со пружини покриени со селски дивтици, јамболии, ирами…

Во животворната вода од кладенци може да се шлапка со некоја жаба. Водата слатко пивка. Сепак, во Зовиќ на квечерина е свежо. Ветре од врвот пее во дует со славеите. Денски низ некоја од ретките живи куќи може да се потслушне некоја баба како низ грлото ги вади акордите на ,,Заплакало е Мариово”,, и ,,Кој пат води за Мариово,,. Тоа се легендарни песни за секое срце.

Карпестиот допир на мариовски Зовиќ повикува на нова средба, зашто никогаш не е доволно да се нахрани душата.

Loading