ПРЕМИЕРА НА  „ХАМЛЕТ“

Вечерва в театар

 “Хамлетѓ според трагедијата на Вилијам Шекспир, со користење на драмите “Во малиот дворец” на Станислав Игнациј Виткиевич и “Чест” на Васил Иљоски, во режија и адаптација на Бранко Брезовец, е новата претстава што премиерно вечерва од 20 часот ќе биде изведена во театарот. Претставата се игра низ целиот театар и е со ограничен број на посетители заради посебноста на постановката.

Според  Лидија Митоска Ѓорѓиевска, соработник за драматуршки прашања, многу генерации наоѓаат сопствена рефлексија во феноменот наречен Хамлет.

-Тој варира од бунтовник, идеолог на честа и духовната постојаност, до нерешителен интелектуалец распнат меѓу емпириската проверка и апстрактната рационалност. Ттој не може да се запре на острата граница меѓу доброто и злото. Саможив филозоф е, за кого дури и постоењето на светот и на она што го надминува е под прашање. Лишен е од илузии, саркастичен и груб, но не може да ги задуши спротивностите во својот карактер кои се во постојано натпреварување. И разумот и недостатокот на практично искуство го тераат ниту на духот, ниту на сите духови на светот да не може целосно да им верува. Веројатно тоа е и една од причините што Хамлет е заглавен во насилството на бездејствието. Во ова читање на Хамлет, нагласен е конфликтот во и меѓу ликовите, стремежот за моќ и желбата за одмазда. И овој Хамлет е заплеткан во измами, манипулации и лудило. Меѓутоа, мотивите од Чест од В. Иљоски и Во малиот дворец од С. Виткиевич внесуваат уште позасилена атмосфера на сновидение и сосема неочекуван развој на комплексни односи и настани.  Ликовите застрануваат од својата оригинална зададеност, ниту во својата психологија, ниту пак во своите постапки не се сосем идентични со оние од Шекспир. На тој начин, претставата предочува нескротливи аспекти и можности за толкувања поинакви од очекуваните, односно од стандардно прифатените. Кратки и моќни асоцијации во вид на фрагменти на несвесното се вткаени во целината преку алтернативните ликови и ситуации, некои од нив аналогни на Шекспировите, но транспонирани од сосема различни контексти – вели драматургот  Митоска.

Режисерот Бранко Брезовец кажува дека во претставата се работи за проблемот на честа, честа која за Хамлет е врвен морален принцип, но овде, јасна работа не е отфрлена, но е релативизирана и како да се укажува на некои компромиси.

– ”Да се биде или не”, како да се разлева во истовремено, и да се биде и да не се биде. Се работи за приближување на некој нов идентитет за кој веќе зборувал  Ибсен кога човекот го споредил со кромид, а како што знаеме кромидот се состои само од лушпи и нема цврсто јадро. Така и претставата нема да биде врзана за своето матично јадро, сцената, туку ќе се разлева низ целиот театар и ќе можете да уживате во микро играта, во стеснатите простори и во вистинската патетика и благородна ширина на актерските гести по  должината на целото гледалиште и сцената. “Хамлет” ќе биде претстава  на жестока колективна игра, на цврста актерска екипа и заедничко уметничко разбирање – вели Брезовец, режисер од Загреб, кој веќе третпат соработува со прилепскиот ансамбал.

Во 2010 г. ја постави битовата драма “Антица”, која гостуваше на престижниот фестивал Еуросцене во Лајпциг, а во 2019 г. “Глембаеви”.

Играат Зоран Иваноски како Хамлет, Димитар Ѓорѓиевски, Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Марија Спиркоска Илијеска, Игор Трпчески, Илија Волчески, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Виолета Чакарова и Наташа Ачански.

Соработник на режисерот е Борис Василевски, за сцената се погрижи Пеце Ристески, костимите се на Сузана Брезовец, за светлото е задолжен Ристе Гркоски, а тон мајстор е Томе Темелкоски. Витражите се на Марта Црнобрња, дизајнот на плакатот е на Ловро Брезовец.

Loading