КУЗМАНОВИОТ ДУХ СЕ УШТЕ Е ЖИВ

Меморијалниот музеј – Кузман Јосифоски-Питу

Родното огниште од Кузман буди голем интерес да ѕирне и да се соживее

Малкумина знаат дека во Меморијален музеј е претворена родната куќа на Кузман Јосифоски – Питу и неговото револуционерно семејство на улица “Мара Јосифоска”, број 20. Турската куќа во 1971 година е прогласена за Споменик на културата. Тогаш и е темелно реконструирана и адаптирана во Меморијален музеј.

Зад дрвената порта се распослал поплочен двор заграден со оградни ѕидови (авлии). Тука е и скелето за тутун (сушилницата), перална, пумпа за вода. Со комшиите се поврзани преку три мали вратничиња, користени за комуникација и за незабележливо напуштање на куќата.

– Со реконструирањето на објектот, централниот дел од дворот се користи за историски часови. Споменикот на културата го посетуваат и љубопитни добронамерници – велат од музејот.

Куќата е крената, со три простории и визба. Од чардакот три посебни врати ја скриле интимата и животот на Кузман. Неговиот дух како да се чувствува во неговото родно огниште.

– Просториите се преуредени за постојаната музејска и етнолошка поставка. Таа е олицетворение на детството и на револуционерната дејност на Кузман Јосифоски – Питу.  Збогатена е  со фотографии со легенди – објаснуваат од музејот.

Во спалната соба има железен кревет на кој спиел Кузман. Над него стои газиена ламба на која читал и портрет од рускиот писател Максим Горки, која го обожавал. Покрај креветот, е мидерлакот. Сочуван е ѕидниот часовник, масичка, неколку столови и везен украс на ѕидот. Тука се двата вградени долапа, а над нив красат семејни фотографии.

Насреде на кујничката има ниска дрвена софра со поставен дрвен ваган и дрвени лажици. Има и огништето (камин), вграден мијалник, дрвен рафт со ситен кујнски прибор. Околу огништето има котле на пирустија, бакарни тепсии, саанови, ѓумови и бакарни тави. Во средината мангал, со кој се затоплувала просторијата, послана со рачно изработени килими – ирамче.

Гостинската соба ја збрала историската поставка. На паноа и витрини изложени се фотографии, документи, писма, книги и други музејски експонати,  поврзани со животот и дејноста на Кузман. Тука се Указот за прогласување на Кузман за Народен херој од 1945 година, романот “Мајка” од Максим Горки на руски јазик и други книги. Фотографиите се сведоштва на детството, училишниот и студенскиот живот. Интересни се шаховската табла со метални фигури и фото апаратот. На паноата има писма, извадоци од преписки од НОБ.

Над сето уште бдее уметничката слика на Кузман изработена 1977 година, во маслена техника.

Во мусандрата која е дел од просторијата сместена е касела со алишта изработена 1904 година, сопственост на Кузмановата мајка Лефта.

Меморијалниот музеј “Кузман Јосифоски-Питу” е во состав и под заштита на Завод за заштита на споменици на културата и Музеј.

Кој е Питу

Кузман Јосифоски – Питу, роден е 1915 година во Прилеп. Потекнува од Велмевци, Кичевско. Бил трудољубив, педантен, одличен ученик. Примерен и интелегентен. Гимназија учел во Битола. Омилена му била историјата. Читал комунистички брошури, летоци и слично. Во 1935 година се запишува на Правен факултет во Белград и е политички активен во студенското и работничкото движење. Примен е во КПЈ. Кузман ги прекинува студиите и во Прилеп целосно се посветува на партиската работа. Убиен е од бугарската фашистичка полиција при обид да се пробие низ блокада во населбата Козле во Скопје. За Народен херој е прогласен во 1945 година.

Loading