ПИШТОЛОТ НА КОЗАР ВО ХРАМОТ НА СЛОБОДАТА

Од мајката кај синот, од синот, во музејот

Реликвии од потомците на првоборците од НОБ се поставени во витрините на меморијалниот музеј 11 Октомври. Последна е пиштолот на првоборецот и најстариот учесник во нападот на затворот на 11 октомври во 1941 година, Мице Козар.

Синот Благоја од Скопје го подари на музејот пиштолот од својот татко. Оружјето од марката Бровинг е експонат за музејската збирка во специјалната витрина за Козар и Тарцан.

Потомокот, кој пред четириесетина години бил неколку години градоначалник на Прилеп, раскажува дека уште во 2000 година се носел со идеја од Скопје, да го предаде пиштолот на музејот во родниот град. Го попишманиле дека постои опасност значајниот семеен реликт да заврши во топилницата, а не во колекцијата во музејот.

Мислата му се вратила и ја остварил.

– Местото на пиштолот од татко ми е во прилепскиот храм на слободата, во Меморијалниот музеј 11 Октомври. Тој е центарот на историјата, јадрото на спомените за слободарската борба од непокорното блиско минато. Музејот е ризница на сведоштва за херојското доба. Тука му е местото на пиштолот од мојот родител, кој го чуваше мајка ми до смртта, а потоа ми го предаде – кажува Благоја, синот на Мице Козар.

Тој не знае каков “пат изодел” пиштолот да дојде во рацете на татко му.

– Оружјето стигнало во рацете на мајка ми при средба со татко ми кај Богомила во 1942 година, каде што бил реонот на движење на неговата партизанска единица. Мајка ми со посредство на поп од населбата Варош тајно отишла да се види со татко ми. При враќањето, тој í го дал неговиот пиштол и неколку куршуми за не дај Боже, ако некој ја нападне по пат на враќање да се заштити или да го чува дома за одбрана на семејството. Тоа е предмет што го размениле на последната средба, оти загинал неколку месеци подоцна – вели Козар.

Пиштолот бил семејно благо и мементо за паднатиот Козар. Наследникот секогаш се носел со мислата дека не е само  негов или на семејството, туку му припаѓа и на Прилеп.

Пред неколку години внукот на борецот Драган Спиркоски – Максот го извади од фамилијарните касели личното вооружување, шмајзерот, на неговиот дедо и го предаде во рацете на кустосите во музејот да остане сведок за идните генерации за едно бурно, слободарско време.

Loading