ДУШАН КОЦЕВ КОПНЕЕ ЗА СВЕТЛИНАТА

Изложба

“Копнежот на светлината” е насловот на изложбата на слики од Душан Коцев што ќе биде отворена вечерва од 19 часот во ликовниот салон од ЦК “Марко Цепенков”. Делата ја преточуваат уметничката визија на реалност.

-Во најдлабоките мракови на душата копнееме за светлина. Со надеж, очите се вперени кон светлината. Копнежот не води кон спасение – вели авторот.

Со многу луцидност и творечка енергија авторот се навраќа две децении назад со слики во акрилна техника на платно. На најсублимиран начин ја прикажува вечната борба меѓу доброто и злото, меѓу светлината и темнината.

– Делата испраќаат светлина која треба да биде нашиот единствен пат. Целосно свесен за секојдневието во кое човештвото вегетира, со многу опасности и контаминации, наспроти жртвата на Бога земскиот живот да биде вековит и во благосостојба,  низ светлината се стигнува до посакуваната цел -вели професор Славчо Атанасов.

Радовишанецот Душан Коцев остварува 30 години творештво. Имал четири самостојни изложби, учесник е на повеќе од 35 групни изложби во земјата и во странство. Осум години е организатор на меѓународната Радовишка колонија.

Loading