ИНВАЛИДСКИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ СЕ „СЛАДЕА“ НА МАРИОВО

Осумдесетина инвалидски пензионери од повеќе градови, во организација на прилепската асоцијација, го посетија манастирот Свети Илија во месноста Писокал – Мариово. За гостите од струмичкото, штипското и домаќините се организира пријатен ден во дворот на манастирот. Гостите го “откријаа” селото Штавица, познато како македонскиот мал Холивуд, според  локацијата на снимањата на неколку филма на Милчо Манчевски. Се “качија” на превојот Слива на 1135 метри. Ги видоа оџаците на РЕК Битола. Неколку колиметри подолу заседнаа во убаво уреденото и пристојно катче на манастирскиот комплекс. Во цркват запалија свеќи за здравје, а потоа на широкото поплочено плато развијаа оро на звуците на гајдата и кавалите во ритамот на тапанот.

Гостите, а  и  дел  од  домаќините, кои првпат се најдоа од другата страна на Слива, каде почнува прилепското Мариово, се запознаа со сите населени места од овој простор кој денес е напуштен или живее со по некој старец и старица. Не се слуша блеењето на илјадниците овци и јагниња и стотиците стада, водени од лаежот на кучињата, додека тие пасат сочна трева на падините. Пензионерите се насладуваа на глетката и ги полнеа градите со чист, незагаден воздух. Ги плакнеа очите и се воодушевуваа на далечните ридови под раскошната шума.

Loading