ОТКРИЕНИ ГОЛЕМИ АМБАРИ, ЕДИНСТВЕНА НА БАЛКАНОТ

На локалитетот Врбјанска чука, стар 8000 години

Завршија истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука кај селото Славеј. Според Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата. Во осмата година, истражувањата беа плодни. Резултираа со откритија за надополнување на сознанијата за неолитската населба од пред повеќе од 8000 години.

– Откриена е цела нова градба, како и објект со десетина големи амбари и помали сандачиња за чување и обработка на житарици. Ова е единствена ваква појава на Балканот, но и во Европа. Во ѕидовите на една од градбите се пронајде погребано новороденче, обред поврзан со регенеративниот карактер на неолитските куќи и кој е прв од овој вид во Пелагонија. Пронајдени се фрагменти од фигурини, жртвеници, антропоморфни модели, сликани садови, врвови за стрели, камени орудија и садови, што укажуваат на богата материјална култура, користена при секојдневните активности и обредите. Продолжуваме со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци. Ќе се публикуваат и презентираат во повеќе научни списанија и меѓународни конференции – вели Наумов.

Мултидисциплинарните истражувања се во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп и Универзитетот во Базел. Теренските и кабинетските истражувања на локалитетот финансиски се поддржани од Фондот за истражување и заштита на предисториските тумби од Германија, македонското Министерството за култура, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел.

Loading