Јасмина Шишковска Стојковиќ, в.д. претседател на Основниот суд Прилеп
Веќе три месеци, сте вршител на должноста претседател на Основниот суд Прилеп. Менаџирате со институција која кубури со судии, Судот е преплавен од работа?
-Доколку кажам дека сме само петмина судии, четворица од Прилеп и еден делегиран од Ресен, податокот зборува каква е состојбата во институцијата. Просечно еден судија има трипати повеќе предмети од вообичаено, а додека кај прекршочните, ако еден судија имал вообичаено илјада, сега работи на 4 000 предмети. Освен недостаток на судии, имаме недостаток на административен и полициски кадар.
-Како успевате да се справите со ситуацијата?
Работиме со надчовечки напори. Го продлжуваме работното време, дури носиме предмети и дома. Сите судии останавме со неискористени денови за годишен одмор од лани. Судската ферија ја покривавме со дежурства, а доколку беше потребен кривичен совет за продолжување на притвори, беа делегирани судии од Основниот суд Битола. Ѓраѓаните реагираат и се револтирани, сосема ги разбираме. Расправите од јуни се одлагаат, дури за февруари 2024 година. Имаме огромен број предмети. Кривични и прекршочни предмети застаруваат, а тоа значи трошоци за државата. Тоа значи, некого не го стигнала правдата, односно на некој му е ускратено правото на надомест на штета. Сепак кај ниту еден од судиите не изостанува квалитетот во работата.
Излез?
За жал на последниот оглас за 6 судии, никој не се јави за Прилеп. Се надевам на делегирање на судии од другите градови и тоа најмалку двајца. Тоа би значело да се растовари работата на постојните судии. Воедно, има кандидати кои се на практичниот дел од Академијата за судии и обвинители и кои најбрзо што можат да бидат избрани е на крајот на 2024 година.
Зошто дојде до ваквата ситуација? Кои се причините?
Најголем проблем настана лани со измените на Законот за работни односи и задолжителното пензионирање на 64 годишна возраст. Интервенираше и Здружението на судии и Судскиот совет, но предлог законот, со кој што се предлагаше можност за продолжување на мандатот на судиите до 67 години, не помина во собранието. Лани во јуни тројца судии заминаа, односно до крајот на годината уште двајца. До сега, во текот на оваа година се пензионираа уште двајца судии.
Како реагираат граѓаните?
Имаме мал број на судии со голем број на предмети во работа и практично отежнато е навремено постапување во законските рокови и принудени сме на пробивање на роковите, односно непочитување на истите. Адвокатите од Прилеп имаат разбирање, кооперативни се и нема реакции, но доколку полномошникот, односно бранителот е од друг град, секогаш реагираат. Во многу незавидна положба сме и ние, и странките.
Оптимистичка најава?
За две до три години би требало да се надмине состојбата. Прилеп е еден од најзагрозените градови заедно со Струга и Кичево. Во Апелациониот суд во Битола следната година ќе се рефлектира проблемот кога ќе се пензионираат поголм дел од судиите. Во тек е постапката по објавен оглас од Академијата за судии и јавни обвинители за 130 кандидати кои ќе завршат за две до три години.
НЕМА КОРУМПИРАНИ СУДИИ
Анкетите покажуваат недоверба во судството? Каква е перцепцијата во Прилеп?
– На првиот колегиум како в.д претсетдател им реков на колегите, колку сме – толку сме, но дека сум среќна оти нема корумпиран судија во Прилеп и тоа го гарантирам. Довербата на граѓаните, не е само во поглед на корупцијата, туку и во однос на стручноста на судиите, почитувањето на законите и коректниот однос со странките. Перцепцијата на граѓаните за правосудството не е само во однос на корумпираноста на судиите, туку и нивните човечки квалитети и пристапот кон странките.
Со полицијата, обвинителството и другите институции генерално имаме добра соработка. Проблем се супер вештачењата доверени на институциите. Покрај користењето на сите алатки и механизми, заглавени се предметите и по неколку години, а со тоа, на крајот на денот се создава лоша слика за судството.
НЕМА РЕФЕРЕНТИ, СУДСКИ ПОЛИЦАЈЦИ…
– Имаме недостаток и на административниот кадар, заради неатрактивноста на работните места со ниските плати, или пак заради немање согласност за пополнување на слободните места.