ПРЕКРАСНО МИСТИЧНО ЗДАНИЕ

Црквата Свето Преображение

За Свето Преображение – големиот христијански празник, храм (слава) на црквата Свето Преображение, вообичаено се подготвува богата братска христијанска трпеза за граѓаните. Се поставуваат и внатре и надвор маси, а граѓаните носат грозје. Се верува дека тогаш првпат се бере и јаде грозје и се носи в црква, свештениците да го благословат со молитва. На празникот, црквата дава нафора со грозје како благодарност за плодовите.

Велепниот храм Свето Преображение се извишил високо кон небото. Грчката црква, како што ја нарекуваат граѓаните, е светилиште за утеха на верниците. Прекрасно здание кое зрачи со мистичност. Човек има чувство дека се наоѓа некаде “надвор”. Модерна, дотерана во тон, чиста како солза. Петкуполната црква со деветаголна апсида изградена е 1871 година на разидување меѓу прилепските еснафи и влашката заедница. Ја граделе Грци, по барање на Власите, наклонети повеќе кон грчката, отколку кон бугарската пропаганда. Парично ја помагале еснафите да избегнат недоразбирања, поради богослужбите на црковно – словенски јазик во Свето Благовештение. Оттогаш храмот го добил името, популарно, Грчка црква. А Свето Преображение е поради веројатноста дека е осветена на тој празник. Местото на црквата е подарено од Налетовци, зашто имале свештеници во фамилијата.

Пред дваестина години никна грандиозна камбанарија во стилот на црквата. Иконостасот е пред 2006 година, нов со неколку нови икони, а останатите се од 19 век.

Карактеристично што богослужбите се следат со силна верба во Бог, во мир и тишина.

Христовото преображение

Свето Преображение е еден од осумте големи Христови празници. По крштевањето во Јордан, Исус 40 дена живеел во пустина, со пост и молитва. Го проповедал учењето и им кажал на апостолите дека ќе воскресне. Им објаснал како ќе се случи тоа. За да ги убеди зел тројца од апостолите Петар, Јаков, Јован и ги однел на планината Тавор. Апостолите уморни од патот заспале. Исус почнал да се моли. Одеднаш лицето почнало да му свети како сонце, а облеката му станала бела како снег. Тогаш се појавиле и пророците Мојсие и Илија. Апостолите биле вчудоневидени, а кога слушнале глас од облакот паднале на колена. Кога станале го виделе Исус каков што бил пред Преображението. Исус им рекол да не кажуваат што виделе додека не се случи вистински воскресението. Во спомен на овој настан се празнува празникот Преображение.

Преобразување на природата

Луѓето веруваат дека на Преображение заладувало времето, лисјата венеат, водата е постудена и на овој ден луѓето се капат во реките последен пат во годината. Се верува дека тогаш се преобразувала природата.

Небото се отворило за желби

Некои веруваат дека ноќта спроти празникот небото се отворало како на Богојавление и се јавувал Бог. На сите будни им ги исполнувал желбите.

Loading