ПЕЧАЛИ ВО ЈАБАНА – ОДМОРАЈ ВО ПРИЛЕП

И на крајот на светот да си, корените влечат во родниот крај

Срцето им е тука, а телото во туѓина

Таму каде што ни се корените, секогаш се враќаме. Судбината многумина однесе во странство, во потрага по подобар живот, работа или семејство. Кога-тогаш, кај дијаспората никогаш не гасне искрата на семејното огниште колку и да е запретана со пепел. Носталгијата ги трга во родниот крај. Велат, Македонија е мала, но најубава за одмор. Ги научиле и помладите генерации, ги запознале со малото родно гратче за кое светот можеби не слушнал. И синови и ќерки доаѓаат во Прилеп да се сретнат со своите со роднините. Некои и не се прилепчани. Се родиле во далечна земја, но потеклото на родителите, кај некому и на брачните партнери, ги привлекува не само за одмор. Други “ги мами” сонцето, оти каде што е сонцето, секогаш се чувствуваш како дома.

Нечија свадба е повод за дома, а роднините и пријателите пријатна клима да се остане десетина дена повеќе. На Мухамед Бајрамоски не му е сефте одморот да го врви во Прилеп. Возел повеќе од 1000 километри за свадбата на роднините. Му се допаѓа нашата малечка, но чудесна земја, па останал речиси три недели, додека не ги завртел сите роднини.

– Доаѓам на одмор да се видиме со родителите в село, да прошетаме… Свадбите се мотив. Тука сум две ипол недели. Бев кај роднините во Струга, Охрид, Тетово, Гостивар, Скопје и Кичево. Во Прилеп е најубаво. Од кафе, на кафе сме. У живаме со братучедите. Животот овде е поспокоен. Убаво е за одмор, но не и за живот. Роднините се мачат – кажува Бајрамоски.

Прилепчанецот Зоран 16 години работи во Словенија. Создал семејство. Секоја година во јули, август, тринеделниот одмор го користи дома, комплет со жената и децата. Доаѓа кај мајка си и братот и да ги види роднините. Се радува што, градот во кој се родил се менува, се дотерува, но има уште места за уредување.

– Сé што е од Прилеп, ми се допаѓа, особено центарот. Уште  улиците да ги средат од дупките. Во Љубљана е подобро, оти не се оптоваруваш со ништо. Овде политика се меша. Таму нема нервози на тоа поле, мирно е – кажува Зоран.

 На Милан Стојаноски, роден во Германија, летна дестинација му е родниот град на татко му.

– Доаѓаме на 2-3 недели. Имам фамилија, роднини. Подобро е за шетање, послободен сум. Не се чувствувам ограничен – вели Стојаноски.

На Илија Тодороски му се допаѓа градот, оти е поефтино. Ужива во специјалитетите на скара, посебно плескавицата “Македонка”. Се радува кога одморот се погодува со Пивофестот.

– Две-три недели минуваат брзо и возбудливо, се шета, купува патики, маици, фармерки… Германија не ја менувам, оти сме навикнати. Друго е таму, патиштата се поинакви, а овде кога врне сé е кал – вели Тодороски.

Патиштата на љубовта ја донесле Енџела Сарачиска од Хонг Конг во Прилеп.         

– Сопругот ми е прилепчанец, но живееме во Хонг Конг. И лете и зиме доаѓаме. Овде е порелаксирано, а во Хонг Конг е постојан метеж, многу луѓе насекаде и секој ита зафатен за некаде. Лежерно е, се негува фамилијарен живот, а таму никој нема време за семејни дружби, освен во сабота и недела. Храната е евтина, па остануваме по еден месец. Би рекла, работи во Хонг Конг и одморај се во Македонија – кажува Сарачиска.

Славчо Митрески од 1997 година заминал во Швајцарија. Ужива со заработените пари во Прилеп. Десетпати годишно се враќа во родниот крај.

– Им “здодеав “ на роднините и пријателите. Летово останувам цел месец. Малку бизнис, малку да ја видам фамилијата. Шетаме, трошиме по свадби, по кафеани. Во странство се печали, овде да се троши. Се разликува градот од порано. Изграден е. Оди на поарно. Овде сум роден и подруго е со овдешниот народ. Покомуникативни се нашите, за разлика од Швајцарија каде луѓето не се толку блиски – кажува Митрески.

Бранко Мирчески вели дека идел од Америка со мајка му и татко му, кои се родени тука.

– Сега доаѓам со сопругата. Ме носи сонцето, срцето, фамилијата, потеклото, а и куќата ја реновирав. Поубав стана градот, блиску е до ЕУ. Се надевам дека и одовде ќе замини мизеријата од порано. Би било супер да се живее со парите што се заработуваат во Америка. Се думама дали да отворам бизнис, оти ми е малку двонеделен одмор – вели Мирчески.

Loading