ТВОРЕШТВО, ДРУЖЕЊЕ И РАЗМЕНА НА ИСКУСТВА

По 15 пат ликовна колонија Дрен 2023

Утревечер на летната сцена во Центарот завршува меѓународната ликовна колонија “Марко Цепенков – Дрен 2023” која ЦК “Марко Цепенков” ја организира по 15 пат. Уметниците од земјава и од странство твореа на колонијата, се дружеа и разменуваа искуства.

Павлина Копано, Славица Танеска, Александра Димитрова, Мирјана К. Массети, Дамјан и Елена Ѓуров, Стефан Анчевски, Благојче Наумоски – Бане, Методи Исков, Маја Ралева Миладиновски, Филип Јовески, Филип Перески,  Маја  Таневска, Тони Чатлески, Верче Николоска, Славчо Павлески, Габриел Димитровски, Филип Ристески, Елена Пантелиќ и Марјан Стојаноски,  создадоа вредни дела кои ќе останат во трајна сопственост на Центарот и на државата.

Секој со својата инспирација, во медиумот на творештво, велат дека одлично се дружеле и создале вредни дела.

– Се радувам кога доаѓам, оти се среќавам со убави луѓе, со одлични уметници. Многу е важно дружењето меѓу уметниците. Создаваме врски со цел свет. Прилеп е чудесен град, со префектно организирана колонија. Вторпат се чувствувам убаво, меѓу добри домаќини од Центарот. Годинава имам мал јубилеј. Се совпаѓаат 15 години од колонијата и десет години откако првпат учествував. Инспирација црпам од убавата природа од Македонија, од планините и езерата. Првата слика е моја интепретација на црквата потопена во Мавровското езеро, а втората е поврзана со Прилеп – изјави Павлина Копано.

 Скулпторот Дамјан Ѓуров, вторпат е учесник.

– Колонијата значи работење, дружење и творештво, во прекрасна атмосфера, со луѓе од еснафот, уметници. Секој твори со својата креативност и во медумот. Колонии се можност да се надградуваме, да учиме од другите, да се надополнуваме, усовршуваме и да разменуваме искуства. Кај вајарите материјалите ја прават концепцијата и различноста на делата. Ќе оставам две дела во метал и камен – вели Ѓуров.

Првпат учествува на колонијата Маја Ралева Миладиновски.

-Ова е убаво искуство, работа во професијата и внесување на нови медиуми. Уметноста треба да е истражување, потрага по нешто ново, не стандардно вајарство или сликарство. Секогаш истражувам и користам различни материјали. Работев со природни материјали со каширан малтер кој е доста еластичен и стабилен. Употребував повеќе материјали со различни смоли кои придонесуваат скулптурата да добие нови димензии и да има можност да се користи сликарството. Повеќе медиуми во едно – вели Маја Р. Миладиновски.

За сликарот Александра Димитрова, најважно е за уметниците да  творат во колектив, во друштво со уметници, а таква можност нуди колонијата.

– Предвизвик е оти уметниците творат во ателје. Кога ќе излезат во природа добиваат енергија за создавање на уметничко дело. Убаво е. Се дружам со уметниците. Задоволна сум од атмосферата. Работам триптих. Ги прикажувам моите емоции и гестови. Енергијата нé држи до крај. Ќе вроди дела – вели Александра Димитрова.

Марјан Стојаноски вели дека годинава на колонијата се стави акцент  на различни медиуми. Создадените дела ќе бидат презентирани утревечер на отворено на изложба во Центарот. Потоа ќе бидат претставени во повеќе градови низ Македонија.

Loading