В САБОТА – ВО САБОТА

Се наоѓавме во друга просторија, не во онаа каде што е телевизорот. Без да знаеме за каква емисија станува збор, го слушаме гласот на извесната Билјана Секуловска – “Зошто е важно да се маршира во сабота”. Оваа реченица звучи малку необично. Какво ли е тоа марширање што треба да се одвива во сабота? Набрзина, прво помисливме дека станува збор за некакво спортување, можеби некаков планинарски марш. Бидејќи саботата е за повеќето луѓе неработен ден, па ете може да се искористи за евентуален марш. Не било така. Откако влеговме кај телевизорот, гледаме Секуловска разговара со четворица гости во емисијата. Не завлегуваме во темата, но ќе кажеме оти се работело за тоа, дека извесна група луѓе ќе организирале марш. Емисијата ја гледавме во среда, а маршот ќе бидел в сабота. Значи, првата наредна сабота, што би се рекло во таквиот случај – В САБОТА. Но, Секуловска го поставува прашањето – “Зошто е важно да се маршира во сабота”. Јасно е. Од ова произлегува дека маршот ќе се организира во секоја сабота. Секуловска е долгогодишен новинар. Таа, секако, знае дека постојат и речници и правопис и граматика. Треба понекогаш да се земат напомош. И без тоа, сосема јасно се гледа дека ако се рече “во сабота”, тоа се однесува на секоја сабота, а не станува збор само за неа. Безмалку сите новинари ја прават истата грешка. Колкупати сме чуле: “Натпреварот ќе се игра во среда (наместо в среда)”? Кога слушаме прогноза за времето, често слушаме “Во недела ќе врне дожд (наместо в недела)”. Предлогот “ВО” има долга форма “ВО” и кратка “В”. Ако станува збор за секој ден од годината ќе се употреби “ВО”. На пример: “Во недела одам на викенд”. Значи, секоја недела. Ако се работи за најблискиот ден, наредниот, се користи придавската форма “В”. На пример: “В сабота ќе одам во Скопје”, значи оваа сабота, најблиската. Затоа, реченицата на Секуловска треба да гласи: “Зошто е важно да се маршира в сабота”. Маршот ќе биде во наредната, најблиската сабота а не во секоја сабота. Водителката им објаснува дека и таа ќе присуствувала на маршот. Им вели: “Во сабота ќе бидам и јас таму”. Рековме, емисијата беше во среда, а маршот ќе бидел во наредната сабота. Зар толку не е јасно дека треба да се рече: “В сабота и јас ќе бидам таму”? Зар толку не е јасно дека “Во сабота” значи секоја сабота?

Мошне често сме си го поставувале прашањето, дали има некаква полза од овие написи. Расколебана е упорноста. Беспомошноста и разочарувањето ја потиснуваат. Во последно време, можеби најмногу од секогаш, полна ни е устата со ЈАЗИКОТ и ИДЕНТИТЕТОТ. Германскиот парламент донесол резолуција со која го признава нашиот јазик и нашиот идентитет! О, Боже! Зар некој друг треба да го прави тоа? Сите држави во светот нека донесат таква резолуција, ако ние самите не се грижиме за јазикот, тој ќе гасне. Јазикот се брани со неговата правилна употреба, а не со разно-разни резолуции. Не со изјави – “Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик”. Да! Ние треба да бидеме тоа! Но дали сме?! Дали го практикуваме правилно НАШИОТ јазик ?!

Додека пишуваме, слушаме изјава на видна личност. Нешто било “труло” во нашава држава. Нему повеќе му е познат српскиот збор “труло”, отколку македонскиот “гнило”. Навистина, во нашево општество има доста ГНИЛИ нешта. Таков ни е и односот спрема јазикот. Спрема нашиот јазик. За акцентот веќе никој не размислува. Членот, како еден од најбитните карактеристики, во најголем број случаи се изостава. Синтакста испаколичена, испревртена. Се создаваат некои чудни термини и изрази. Особено во поздравувањето не можеме да чуеме “Ви пожелуваме пријатна вечер”, сите велат “Ви посакуваме” или “Имајте пријатна вечер”. Слушаме – “Бидете поздравени” (наредба) и многу и многу и премногу! И насекаде!

Да. Гасне ентузијазмот. Депримираност, разочараност!

И еве ја (уф) застрашувачката реченица: “Еден народ престанува да постои тогаш, кога ќе се откаже од својот јазик”!!!                                                                                             

Loading