СКУЛПТУРИ НА АЛЕКСАНДРА БОГОЕСКА ВО СОФИЈА

Изложба

“Внатрешен сјај” е насловот на изложбата на скулптури од нашата уметница Александра Богоеска што е отворена во галеријата на КИЦ на Македонија во Софија, Бугарија. Таа се претставува со дела од камен, односно од мермер и травертин, прикажувајќи ја индивидуалноста, постоењето, можностите… Скулптури, како симболи се обид да го поттикнува разумот и да ги одгатнува скриените суштествени пораки. Неправилната  текстура на травертинот ја прикажува природна убавина, ранливост, нежната емоционална внатрешност. Додека белата боја на мермерот симболично ја илустрира чистината, а нежните вертикални линии ја потенцираат женската силуета…

Јана Јанеска Ристески, историчар на уметноста, во есејот за изложбата  вели дека во творештвото на Богоеска силно се истакнува внатрешната поврзаност со природата и силната емоција.

-Иако нејзината уметност претежно е пластика во мали димензии, таа доста умешно преку успева да ја презентира својата идеја за скулптура. Секое дело во својот концепт содржи јасна поврзаност и нераскинливост меѓу машката и женската животна енергија. Богоеска ја користи скулптурата како неограничен простор за изразување на нејзината уникатност и индивидуалност… Истражувањата ги насочува во апстрактно-човечката скулптурна форма, преку спојот како на формите, така и на материјалите. Ја негува пластичната слободна форма, создавајќи чисти структури со извесни асоцијативни белези. Вертикалната поставеност на скулптурите заедно со истакнатото природно рустикално изразување преку потенцирање на природната структурална форма на каменот, од една страна, како и постигнатото совршенство со измазнување на камената површина, од друга страна, се важен елемент во целосниот визуелен ефект. Динамиката на формите е постигната со конструктивна постапка на поврзување во обликувањето на делото. Во дел од скулптурите, внатрешниот спој од железна арматура со кои се поврзани примарните форми, во скулптуралната маса контрапунктира во постигнувањето на надворешните светлосни сензации и дополнително é дава на целината и визуелна привлечност. Карактеристичен момент во творештвото е спојот на две природни креации – човечкото битие и каменот, презентирани преку уникатен уметнички израз како една целина со нераскинлива енергија – вели Јанеска Ристески.

Александра Богоеска дипломирала на ФЛУ во Скопје на отсекот вајарство – конзервација и реставрација. Имала повеќе самостојни и групни изложби. Учествува на многубројни вајарски и сликарски колонии во Македонија и надвор од неа.

Loading