ТРЕНЕРОТ МОЈСОВ И ПЕТМИНА РАКОМЕТАРИ

Ракомет: Нови во РК Прилеп

Генералното спонзорство на компанијата Комфи ангел носи многу позитивни новости во машкиот ракометен суперлигаш Прилеп. Нов тренер, шеф на Стручниот штаб, е битолчанецот, 44-годишниот, Божидар Мојсов. Доскорешен помошен тренер е на актуелниот шампион Еурофарм Пелистер. Кариерата ја минува во битоските клубови, кои се меѓу најдобрите во државава. Оттука и оправданоста за изборот од страна на РК Прилеп.

На добар тренер му треба квалитетен играчки кадар. Клубот се потруди да донесе засилувања. Прво дојдоа – средниот бек Црногорецот Драган Јелушиќ (Искра Бугојно, – Босна и Херцеговина), голманот Давид Ацевски (Јуниор КВ), пикерот Томче Трајчевски (Радовиш) и левиот бек Никола Цветаноски (Струга). Последен, петти се приклучи поранешниот младински репрезентативец, десното крило Пеце Рајатовски (Голден арт). Практично ова е враќање во клубот, каде одигра во сезоната 2017/18. Битолчанец е со 29 години, Освен во Голден арт и Прилеп, има играно за Струга и косовскиот Кастриоти.

Стартот на подготовките е кон крајот на месецов.

Loading