ТРЕПЕТНАТА ПРИКАЗНА ЗА ФУСТАНОТ ОД “КРЕБАЊО”

ГОЛЕМАТА ЉУБОВ НА НИКОЛА КАРЕВ И КОЦА ХАЏОВА

Љубовта на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев и Коца Тасева Хаџова била кратка, но бурна и незаборавна. Се случила при Илинденското востание и Крушевската Република. Во џебот на палтото на војводата Карев, кога бил убиен на 27 април 1905 година кај селото Рајчани, кочанско, аскерот ја нашол фотографијата на неговата свршеничка.

Фотографијата е единствена на Коца, објавена во турските весници  заедно со информацијата за убиството на Карев. Пред да биде отстапен на Архивот на Македонија, еден примерок од весник долго се чувал во домот на семејството Кареви во Крушево.

Учителката Коца Тасова Хаџова, по задушувањето на Илинденското востание и пропаѓањето на Крушевската Република, со свршеничкиот прстен на раката и големата, златна меџидија скриена во фустанот, заминала од Крушево за Костур. Следната година се вратила во родната Струга. По разделбата со свршеникот 1903 година во Крушево, никогаш не се виделе. Починала 1907 година, две години по убиството на Карев. Прстенот и златната меџидија од Карев, заедно со личните предмети од облека на Коца, по нејзината смрт, се чувале во домот на Хаџови во Струга. Многу години подоцна вереничкиот прстен и меџидијата ги зела Даница, помладата сестра на Коца Хаџова. Останатите лични предмети и облека останале кај постарата сестра Ленка.

Вера Кумбароска, во 1939 година, на неполни 16 години, се омажила за Димитар Кумбароски, син на најстарата сестра на Коца Тасова Хаџова. Нејзината свекрва умрела во 1947 година, но во тие осум години, колку што живееле заедно, речиси немало ден Ленка да не спомне за својата покојна сестра. Од неа Вера дознала за свршеничкиот прстен, но и за знамето на Крушевската Република, кое Коца го извезла со своја коса.

– Коца го донела знамето во Струга. До 1917 година било скриено во црквата Св. Ѓорги. Таа година Ѓорги и Сотир Чакарови, бегајќи заедно со Бугарите, го однеле и знамето во Софија. Во 1984 година, преку наши роднини, успеав да го видам знамето со свои очи. Се растреперив. Не можев да ги сопрам солзите кога ја допрев косата на тетка ми Коца. Да не го однеле Чакаровци во Софија, ќе беше во некој наш музеј. На Музејот на Крушевската Република без надомест му предадов повеќе предмети на Коца, меѓу кои и пелерина, полче (блуза), бојче (здолниште) и друго. Зачував само еден нејзин фустан, пелерина и шеширче со фарош, со мрежа над очите. Тоа е тежок фустан од црна свила “кребањо”, купен во Солун. Фустанот е со “пласрон”. Паѓа над градите и е сошиен по врвната мода во тоа време. Со тој фустан тетка ми Коца се свршила со Никола. За мене е цело богатство. Го чувам како реликвија. Често го вадам, го закачувам во собата и со часови го гледам, замислувајќи ја неа. Според фустанот, стројна и висока жена, убавица. Со Никола Карев биле прекрасна двојка. Сум читала дека и тој бил убавец. За жал, неговиот веренички прстен и златната меџидија ги “собрала” од куќата на своите родители најмалата сестра на Коца, Даница. И таа била учителка. Подоцна í ги подарила на сопругата својот син Боро, на снаата Љупка Чакар, правник во пензија. Живее во Битола. Прстенот и меџидијата се кај неа. Прстенот е од старо злато, тежок и уникатен, со изгравиран лик на војвода, веројатно на Никола Карев. Златната меџидија е од чисто злато, направена од пет златни турски лири. Верувам дека Боро и Љупка Чакар во музејот во Крушево можеле да го дадат барем вереничкиот прстен. Тој е дел од нашата историја, а не само приватно богатство – раскажуваше одамна Вера Кумбаровска, снаа за внук на Коца Тасева Хаџова.

Коца Хаџова дошла за учителка во Крушево на покана од нејзиниот братучед Антиноген Хаџов. Тој бил учител, активно вклучен во револуционерната организација. Бил член и на Штабот на крушевската револуционерна околија. Во време на Илинденското востание учителката Коца Хаџова имала 23 години и завршена учителско училиште во Солун. Пред заминувањето од Солун го купила свечениот фустан, кој првпат го откри на јавноста и Вера Кумбароска. Фустан е стар над 100 години, најстар сочуван модерен фустан во Македонија. Хаџова го носела само во свечени прилики, кога била прогласена Крушевската Република и на скромната свршувачка со Никола Карев. Сведокот на настаните Георги Томалевски запишал дека Коца Тасова Хаџова била слабичка, убава, со нежен говор и секогаш со одмерени зборови.

“Големите кафеави очи горат како кротки пламени и предизвикуваат почит и љубов. Буди симпатии кај секого. Сите ја сакаат, а најмногу децата”. Стружанката кај учениците во Крушево го развила македонскиот патриотизам и хуманизам, како и свеста за слободата. Според историските извори, била вклучена во подготовките за нападот и заземањето на Крушево. Најблиска соработничка, покрај Никола Карев, била колешката Фанија Ракиџиева. Двете работеле во истото училиште и живееле во иста куќа. Хаџова, заедно со колешката Фотина Иванова и сестра í Вета, го навезале револуционерното знаме на Крушевската Република. Било од црвена копринен материјал, опшиено со срма. на средината со златеста коприна биле извезени две раце, кои се ракувале на палмов лист, а над рацете имало запален факел. Околу сето тоа имало натпис: “Слобода или смрт-знаме на крушевската чета”.

Знамето биле опшиени срмести реси, а по краиштата виселе големи срмени пискулки. Освен тоа знаме. Коца навезла и знаме на Крушевската Република со две девојки со долги коси, кои стојат врз картата на Отоманската империја. Косите на девојките се извезени со косата на Коца Хаџова. Тоа е знамето што во 1984 години во Софија го видела Вера Кумбаровска.

По востанието, Хаџова останала во Крушево. Поради грижата за турското население за време на Републиката, заминала за Костур. Здравјето í се нарушило, особено по веста за убиството на свршеникот. Со туберкулоза Коца сепак успеала да се врати во Струга. Живеела до 1907 година. Починала на 27 години. Стружани ја погребале со големи почести во дворот на црквата Св. Ѓорги, веднаш зад олтарот.

Пробивајќи се низ малото прозорче, низ истото прозорче од кое и таа, свршеничката на Карев, пред 120 години го гледале Дрим и струшката чаршија, со трепет влегуваат зраците, прелевајќи се врз црниот фустан од тешка свила “кребањо” на Коца Тасова Хаџова. Во тој трепет, во рацете на Вера Кумбаровска, фустанот како да оживува и како да ја раскажува приказната за љубовта на убавата учителка со учителот Никола Карев, претседателот на Крушевската Република. Таа приказна стара повеќе од еден век сега треба само да се запише.

Блаже Миневски

Loading