ПРОПАДНА АСФАЛТОТ КАЈ КРУЖНИОТ ТЕК КАЈ ПОШТАТА

Демне опасност од каналот стар 60 години на улицата “Мице Козар”  

Попушти бетонот под каналот на Дабничката Река кај кружниот тек кај поштата. Среќа е што никој не е повреден во густиот сообраќај на тој потег од градот. Водовод и канализација, во координација со локалната самоуправа, го обезбеди просторот за непречено одвивање на сообраќајот.

Од општината најавуваат санирање и нормализација на сообраќајот.

Судејќи по искуствата од пред една деценија и законските процедури, санирањето не ќе оди брзо. Дотогаш е потребна внимателност при движењето, трпеливост на возачите од сообраќајниот метеж што се создава заради “тесното грло” и заобиколување на овој дел од градот.

Не е првпат да пропадне асфалтот, односно армираниот бетон такаречи на истото место, каде некогаш бил стариот турски мост Кемерлија, а во почетокот на шеесеттите години бил направен канал до старата автобуска станица за артикулација на дивите непредвидливи води на Дабничката Река. Третпат пропаѓа асфалтот. Првин пред 10 години пропадна камион. И следната година подлегна бетонот под камион.

Не е чудно зашто каналот е стар околу 60 години. Проектиран е за пешачка зона и шеталиште, а не за улица и за товарни камиони. Колку за информација, под коловозот на улицата “Мице Козар” продолжува каналот до населбата Тризла. А на таа сообраќајница се пренасочени товарните возила од 30 тони кои доаѓаат од рудниците на мермер. Не би било изненадување да пропадни и целата улица, зашто бетонот нема бескраен век. Локалните власти нужно е да размислуваат за темелна рехабилитација на каналот и прилагодување на новите сообраќајни потреби и за обезбедување на граѓаните од посериозни последици. Тоа не е евтин зафат, зашто се работи за неколку стотици метри бетонски канал со широчина поголема од еден матар, чиј бетон одамна го минал векот на трајност.

Loading