ЗА МАКЕДОНСКАТА ГОЛГОТА

Пред мене е некогаш забранетата книга “Робии” (1946 г.), од некогаш забранетиот македонски поет  Венко Марковски (Голи Оток, Софија).

“Влегоја земја стопија, бргу ја кумој крштават, едни со Јужна Србија, други со Стара Грција, а вие без да трепнете, со Западна Болгарија. Вардар е страшен, најгрозен кога му чедо отимат”.

Сето минато Македонија го откупи со своите страдања. Постојано сме под некаква окупација. Само наивните веруваат дека ова што í се случува на Македонија има некоја врска со ЕУ. Целта е јасна. Непостоење, бришење на Македонија и македонскиот народ од светската сцена.

“Ние активно учествуваме во создавањето на новава држава”. Велат од албанското малцинство. За која нова држава сонуваат овие и некои наши како нив. “Вардар е страшен, најгрозен кога му чедо отимат”, Се срамам, навистина се срамам. Си дозволивме некој да ни ја крои судбината. Каде е нашето минато, историја, преродбеници, револуционери, жртви, Грција, Бугарија и Албанија се во офанзива. Имаме ужасно лоши соседи. Како може друга држава на мојава држава да í кажува што да прави. Срамна е сервилноста на нашиве власти во сите овие приказни. Со забеганите отстапки дефинитивно го нулираме македонизмот. Не може да се менува историјата за добивање на власт. Народот секогаш ја пишува својата историја. Брутална окупација на еден народ независно дали доаѓа преку тенкови или пенкала. Исчезнаа храбрите луѓе. Можеби не се исчезнати само се осамени или храброста во нив исчезна. Во меѓународните односи останавме без Македонија. Ќе се приближиме кон ЕУ само ако престаниме да постоиме.

Младите не ја напуштаат Македонија за подобар живот, туку ја оставаат за да најдат живот. Македонија старее. Брчки í се куќите без светлост.

Експеримент во политиката значи револуција, а не еволуција. Не верувај никогаш  дека имаш повеќе право од друг. Чуствувајте го товарот на одговорност како политичари. Маките не се зад нас, тие се пред нас. Нација без патриотизам пропаѓа. Македонија е зрела за политичка бура.

Пак со поетот Венко Марковски. “…сега ја вие грабате, нашата земја убава, Хитлер фрли во неа, остра и лоша јадица, и ве ко слепци поведе, во калта и во пропаста”.

Сега вадете се со Македонија како “најромантичен дел од бугарската историја”.

П.С: Голгота или Калварија – рид во Ерусалим каде што според Библијата е распнат Исус Христос. Латинскиот збор Калварија значи череп, името е дадено, бидејќи обликот на карпата потсетува на череп. На ова место се вршени многу погубувања во стариот век.

ПРИМ. ДР. БЛАГОЈА ВАСИЛ ДАМЕСКИ

Loading