КАЛАБАЛАК ЗА КАЛАБАЛАК

Денот на Христовото воскресение, Велигден не е само најголемиот празник, туку задолжителен дел од велигденската трпеза се бојадисаните и украсени јајца. Не само тоа. И без јагнешко не се може. Како што правеле нашите, твоите, моите родители традиционално на празничната софра имало и јагне. Ако не цело, предно или задно бутче, тогаш барем калабалак. Да замириса куќата на руно јагне, калабалак (црн џигер, срце и бел дроб), на чорбичка од главчето, со понекое цревце. Вредните домаќинки знаеле со саати да ги чистат тенките цревца од нечистотиите. Правеле кукурек или кукуруз. Курдисувале и пенџевиши и јатки, кои чинат дури 10 евра кило, затоа што од јагнето се  ваделе две колку орев големи, а за ока се знае колку грла треба да се кутнат.

Прилепчани како гурмани ги крепат адетите. Актуелниот извоз на јагнешкото месо со нетрпение го чекаат, па не им е тешко да дојдат до калабалачиња чија цена е околу 160 денари, да чекаат во ред.

Инаку, се верува дека јагнето на трпезата ја симболизира Исусовата невиност, неговото жртвување за искупување на нашите гревови.

Метежот пред месарниците е слика која не е секој ден, затоа што секој ден не е Велигден, дека катаден Велигден не бидува, и ден за ден дојде и Велигден.

Loading