МОЛЧЕЊЕТО Е ТИВКО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

Познатиот научник Алберт Ајнштајн по повод холокаустот на Евреите  изјавил: “Не можам да молчам, зошто моето молчење би го протолкувале  како мое одобрување”.

Претстои битка не за власт и привилегии. Претстои  битка за вистината и за душата на Македонија. Зошто молчиме, зошто се плашиме да ја кажиме на висок глас скриената вистина. Време е да не коленичиме и се исправиме пред тие од надвор. Не е нашиот идентитет политички и не сме ние политички создадена нација. Темелите на нашиот идентитет се од антиката. По смртта, престап е промена на идентитетот на еден човек во една демократска држава. Секој народ има своја духовност која го разликува од другите народи, нации или етноси. Духовноста има длабоки корени во минатото. Тоа е натрупување и манифестации не само на творечката енергија на еден народ, на неговиот фолклор, религиозни и обредни ритуали и верувања, но и израз на длабоко залегнати во човековата природа стремежи за самопотврдување. Може ли една древна Елада без Омер, Платон, Есхил. Може ли Рим без Вергилиј, Хорациј, Овидиј. Европа без Шекспир, Волтер, Гете, Монтескје, Сервантес, Шилер. Може ли Македонија без Филип и Александар Македонски, Аристотел, Св. Кирил и Методи, Св. Климент и Наум, Цар Самоил, Григор Прличев, браќата Миладинови, без Гоце Делчев, Јане Сандански, Кочо Рацин…

Уставот, тоа е она што го имате во реалноста, велат Англичаните, кои немаат пишан устав. За Макрон и Урсула Фон Дер Лајен “бетонираната” придавка “македонски: претставувала синоним на северно-македонски, што едно со друго нема ништо заедничко. Доброволно да ја предадеме сувереноста на ЕУ, без разлика што мислат граѓаните. “Нема да ве оставиме на цедило” – рекоа (откако добро ни го процедија идентитетот низ грчката цедилка).

Во светската историја ниту еден државник кој го потценил сопствениот народ, не доживеал длабока старост. Г.Ј.Цезар не направил тоа што сакал со демосот, но тие направиле што сакале со него. Времето на безумници завршува, можеби луѓето некогаш простуваат, но историјата никогаш не простува.

Внесувањето на бугарското малцинство како конститутивен народ во уставот на државата чиј народ, историја и јазик не ги признаваат, да бидат дел од народот кој ќе го потполни празното место на “народот кој не постои”. Редефинирање на македонската држава од антифашистичка во фашистичка. Со амандманите во Рамковиот охридски договор, Македонија не е веќе национална држава, туку се конституира како држава со “делови од народи”. Најидеален и најреален за наши услови е хрватскиот устав. Тоа често го нагласувам во моите колумни.

“Ако не се отворел уставот, ќе се радикализирале”. Ова го велат албанските политичари, она неблагодарно малцинство. Требало да се официјализира двојазичноста и во меѓународните односи. И потоа дефинитивен распад на Македонија. Оваа можност не сакаат да ја пропуштат кога уште е тука Заев со дружината. Преспанскиот договор е пишуван заедно со Борисов, секој со своја задача, до непостоење на Македонија и македонскиот народ.

Дојде време кога човек треба да се срами што живее во Македонија. Тегобно и проколнато е да си Македонец во оваа држава. Младите заминуваат поради тоа што им е загрозена надежта. Политичарите го користат буџетот како личен банкомат. Потешко е да се описменат, отколку да завршат факултет. Секоја власт од народот прави неразумни, ама народот прв почнува кога од неразумни прави власт. Сите политичари имаат корист од криминалот и корупцијата во државава. Токму затоа нема расправа на таа тема, таму каде што треба да има,  во собранието на Р.М.

ПРИМ.  ДР.  БЛАГОЈА  ВАСИЛ ДАМЕСКИ

Loading