ТЕЛЕВИЗОРОТ МУ Е КАКО РАДИО!

Живот: Санде Таневски на 93 години не пропушта пренос

Фудбалот е зараза од која нема откачување. Кога човек еднаш ќе го зафати, не може да се одлепи до крајот. На Санде Таневски, низ Прилеп познат како Цане Џандаро, и на 93 години мерак му е фудбалот. Иако ресенчанец, 66 години е навивач на Победа. Уште и сега. Но, поради тежината на годините кога не може да појде до стадион, има начин да разбере што се случува со саканиот клуб.

– Внукот Дејан ми кажува сé, ме известува што се случило. И тој е навивач. Го носев од дете, како што го носев син ми Блаже. Сé ми е познато, дека Прва лига се, дека се борат за опстанок, дека немало пари… Знам оти со Силекс изгуби дома… Разбирам и од телевизорот. Видот ми заслабна, па гледам матно. Играчите се како сенки и не можам да ги препознаам. Затоа само слушам од телевизорот кога има пренос, не само за Победа, ами и за другите. Слушам и памтам. Телевизијата ми е како радио – вели Санде.

Кажува прецизно кој му бил последниот меч на кој присуствувал, Победа – Беласица 0:3. Одигран е на Могила, на 1 септември 2019 година. А првиот што го гледал е од 1957 година, кога доаѓа на служба во Прилеп. Каде и да бил пратен на служба, ништо не го спречувало да го гледа натпреварот. Како што не може без делегат или судии, ниту без Цане може да почне некој меч. Секаде стигнува навреме.

– Дури од Плетвар идев, со велосипед. Многу генерации изгледав, од Келтане голманот, Бошкоски, Димоски, Игнатоски, Каше, Педано, Бикерес, Цветковиќ, Гец… Големи фудбалери беа и Малинков, Клашев, па Глигороски, голманите Истатов, Ефремов, Тренески, Грошев… Од најстарите знам дека жив е Бикерес. Десно крило беше. Какви убави голови даваше, сите од слободен удар – потсетува на златните времиња.

Некогаш долго време, години и години, Цане имал група неразделни пријатели со кои секој ден се среќавал, разменувал информации и мислења за Победа. Дали во сабота, недела, или среда, дали првенствен, за Куп, пријателски меч, дали врнело, грмело или било жешко, сите биле на трибината заедно. Вистински „борини”, најзагреани навивачи. Најдовме една фотографија од 2011 година, каде Цане е со нив на трибината.

– Постојано беа Цане Баше, па Борка Мигачо, Жере, Кавкале, Митко… Откако сите починаа, сам одев на стадион. Дури и на Могила. Додека можев, пешачев од едниот до другиот крај на градов, од Тризла до Могила. Нништо не пропуштав – вели тој.

Цане добро се држи. Го сретнавме кај берберот Стојан. Кога влегуваше во берберницата, доволно беше да го слушне нашиот поздрав. Одма се сети кој го поздравува. Сетилото за слух и меморијата му се како на млад човек. Единствен проблем му е физичкиот напор и затоа не се нафаќа да оди до стадионот. 

– Одам само до улицата каде што живеам и до кај берберот Стојан. Душава ми сака пак да појдам на стадион, да бидам меѓу публиката. Ми е страв од скалите. Не знам дали ќе пробам – во дилема е Цане Таневски.

Кон родниот крај

Цане е родум од Подмочани, ресенско. Често го посетува. Бил пред две години.

– Ќуќата наша уште е таму. Празна. Никој не живее. Бевме во црквата. Природа, убава во пролет и лето. Пак ми се оди – вели Цане.

Loading