ВНУКА НА ФУДБАЛЕРОТ ШТО НАСТАПИ НА СВЕТСКО

Фудбал: За Деспина брани Босанката Иман Шљиво

Викендов стартува пролетниот дел од Првата женска фудбалска лига, каде Деспина е на високото 4. место, пласман за кој една од најзаслужните е голманката од Босна и Херцеговина Иман Шљиво. Прими само 11 гола на 10 меча, така што тренерот Стевче Талески многупати истакнува дека ја оправдала довербата со нејзиниот однос, пристап, дисциплина.

– Есента солидна, но можеме и повеќе. Во клубов добро работиме, тренираме. Пролетва треба не само да го задржиме четвртото место, ами и да се подигнеме на третото. Веќе на првиов меч со Борец во Велес, одиме на трите бода – категорична е Шљиво.

Шљиво е познато фудбалско презиме. Пред 41 година, на Светското во Шпанија, за Југославија настапи Етхем Шљиво. Играше во средниот ред за Сараево, потоа на печалба во Белгија, Франција и Германија. Иман е негова внука.

– Етхем Шљиво му е брат на дедо ми. Живее во Сараево. Како некогаш играл, сум гледала нешто на Јутјуб – вели 22-годишната Иман.

Не е висока, а е голема пречка за противничките фудбалерки. Им се чини никој нема на гол, а одеднаш топката некој ја одбива. Во прво време, кога била девојче на 10-12 години, почнала во средниот ред, затоа многу сака да игра со нога.

Договорот го продолжи, па во Деспина останува и во 2024 година.

Loading