ПОТРЕБНА Е ИНСПИРАЦИЈА ЗА ДА СЕ НАУЧИ ШТО Е ЉУБОВ И ПОЧИТ КОН МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Христина Ангелеска (25 г.), магистер по македонистика со комуникологија

Прилепчанката Христина Ангелеска (25 г.) неодамна стана магистер по македонистика со комуникологија на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” во Скопје. Во услови кога младите повеќе ги преферираат информатичките науки заради побрзото вработување, таа својата енергија ја насочи кон усовршување на знаењето на македонскиот јазик. Таа е добитничка на наградата за најдобар дипломиран студент со просек 9,94 на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, во 2020 година. Таа е поранешна гимназијалка.

Што потврди твојата магистерска теза, до кое ново сознание дојде во проучувањето на граматиката во современ контекст?

Магистерскиот труд е со наслов „Модалните зборови во македонскиот модернистички роман”. Темата е возбудлива за мене од повеќе аспекти – прво, затоа што модалните зборови и модалноста (категоријата што го означува личниот став на говорителот за односот на реченицата кон надворешнојазичната ситуација) не се многу проучувани во македонскиот јазик, па оттука, зафатив поле во кое мојот труд има можност да стане појдовна точка на многу понатамошни лингвистички истражувања, а втората причина е книжевноста – многу сакам да ги истражувам граматиката и книжевноста во заедништво – и тоа не само јазикот како основно средство на книжевноста, туку да видиме дали приказната може да влијае врз јазикот, како таа ги користи јазичните средства итн. Направивме обемна анализа на модалните зборови во македонскиот јазик и мислам дека дојдовме до добри резултати. Беа анализирани околу 1200 примери со модални зборови и ги покажавме нивните значења и функции во реченицата. Обработивме еден книжевен период – модернизмот во македонската книжевност, но видовме и каква била употребата на модалните зборови во конкретен историски период кога се објавувани анализираните романи.

Што нуди државата за да продолжиш научно да се занимаваш со македонскиот јазик?

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје постојат различни програми за изучување на македонскиот јазик на трет циклус студии. За разлика од позитивните примери во некои западните држави, каде што докторантите се вработени во институцијата во која го работат истражувањето, од универзитетот се покриени трошоците за нивното истражување, докторските студии во Македонија се прилично скапи. Се запишуваат вработени магистри во научна институција или ентузијасти и оптимисти кои се надеваат дека во иднина би можеле да работат во научна институција.

Поразителен е фактот што групите за македонски јазик на Филолошкиот факултет се малкубројни? Зошто? Ги чека ли вработување идните професори по македонски јазик?

Поразително е за државата, но вината не можеме да ја бараме во средношколците затоа што сите го сакаат најдоброто за себеси. Што да се очекува од младите освен да ги следат модерните светски трендови? Некој треба да ги инспирира тие средношколци, да ги научи што значи љубов и почит кон мајчиниот јазик, кон книжевноста, кон државата – потребен е нов пристап за мотивирање на наставниците и на учениците. Во однос на вработувањето, треба да се обработат податоците од Агенцијата за вработување, но мислам дека полека се пензионираат генерациите во коишто се запишуваа по стотина студенти на програмите за македонски јазик и македонска книжевност, а сегашниве генерации, по десетина, дваесетина дипломирани професори, мислам дека нема да бидат доволни за сите капацитети што треба да се исполнат. Исто така, кога правиме споредба со минатото, предвид треба да го земеме и фактот дека сега професори по македонски јазик и книжевност излегуваат од повеќе универзитети – „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, „Св. Климент Охридски” во Битола, „Гоце Делчев” во Штип, и Тетовскиот универзитет, и споредбата треба да биде со вкупниот број на запишани студенти на сите универзитети.

Искуство од меѓународна соработка и како другите земји го негуваат мајчиниот јазик?

Имав можност да се вклучам во два странски проекти поврзани со македонскиот јазик и да ги видам методите на работа кај нив (конкретно, станува збор за филолошките факултети во Олденбург, Германија и Цирих, Швајцарија). Можам со сигурност да кажам дека лингвистите во светот ја ценат посебноста на македонскиот јазик и неговата историска важност за Словените. Заинтересираноста на странците може да се види и преку пријавените изучувачи на македонски јазик како странски при Летната школа на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, каде што доаѓаат студенти од сите страни насветот, и преку работата на лекторатите во странство, каде што се изучува македонскиот јазик.

Идни планови и каде се гледаш себеси како специјалист по јазикот кој, за жал, трпи одредени негации во регионот?

Мојата замисла е да го продолжам образованието на трет циклус студии и научно да се занимавам со македонскиот јазик овде, во Македонија. Јас, како и сите македонисти, добро знам на што стојам, што значи Македонија, што значат Сухо, Висока и Зарово за словенскиот свет, и мене никој не може научно да ми го негира мојот јазик. Тоа се политички провокации што немаат издржана научна основа.

МЕСТО СТРАНЦИЗМИ – ПОДОБРО Е КОВАНИЦИ

Зошто аутлет, зошто аутдор фестивал, зошто лајф итн.? Зошто имињата на дуќаните не се на македонски јазик?

Е зошто, де? Треба да најдеме начин традиционалното да го направиме модерно. Борбата против навлегувањето на странцизми во јазиците е глобална. Потребна е креативност и брзина, односно должност на македонистите, на преведувачите, на лекторите, но и на сите граѓани, е кога ќе се сретнат со збор што им е нејасен, странски, да се обидат прво да го најдат соодветниот термин во својот јазик, а ако го нема, да пробаат да го сковаат, и тоа да го направат додека темата е жешка, а не кога зборот веќе навлегол во секојдневна употреба. Во однос на вториот дел од прашањето, сите закони и предлогзакони за употреба на македонскиот јазик предвидуваат употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо во називите и рекламите на правни лица. Замислете, јас, со моите 25 години, се соочувам со ситуации кога не знам да прочитам некој назив затоа што содржи знаци што ги има и во кирилицата и во латиницата, и не знам дали е напишан со кирилско или со латинично писмо. Е сега, можам само да претпоставам како им е на баба ми и дедо ми и нивните врсници кога се шетаат низ чаршија. Се знае на кој јазик и на кое писмо треба да бидат имињата на дуќаните.

ТЕХНОЛОГИЈАТА МОЖЕ ДА БИДЕ ДОБАР ПРИЈАТЕЛ НА ЧИТАЊЕТО

Паметните телефони и најмладите? Наместо сликовници, книги, лектири, читање и прераскажување?

Мислам дека децата се одраз на своите родители. Нека читаат сите, еве, по една книга месечно, па да видиме колку тоа ќе влијае врз најмладите. Не сум против технологијата и паметните телефони, но тоа треба да биде во рамките на нормалноста, а не да се злоупотребува и да сведочиме на сѐ поголема културна деградација. Книгите и лектирите се сѐ подостапни во електронска форма – преку електронски читачи или во аудиоснимки, така што, кога ја користиме во правилната насока, технологијата може да биде многу добар пријател на читањето и на образувањето.

СЕ РАДУВАМ КОГА МЕ БАРААТ ДА ЛЕКТОРИРАМ И ПОКАНА ЗА ЗАБАВА

Лектор си со искуство. Кој најчесто не ги почитува нормите и правилата на македонскиот современ јазик? Медиумите, политичарите, авторите, и како да се спречи ,,повредувањето”?

Во врска со лектурата можам да набројам и негативни, и позитивни примери. Ме радува кога ќе добијам порака да излекторирам покана за забава, новогодишна честитка… Значи, има луѓе и институции што и во неофицијална комуникација бараат стручно мислење. Но, ме разочарува фактот што лектор може да се вработи само во издавачка куќа, иако според закон секој јавен текст треба да биде лекториран. Голем број медиуми не се спремни да вработат лектор (апсурд), и во однос на грижата за правилниот јазичен израз би сакала да го пофалам вашиот весник, особено за делот Јазичен агол, којшто ја продолжува традицијата на нашите сограѓани (пред сѐ, мислам на Јазичното катче од Благоја Корубин, а во поширока смисла, и на делото на Круме Кепески, Блаже Конески, Кирил Конески и др.), и безброј пати ја потврдува тезата дека Прилеп и прилепчани отсекогаш го негувале и се грижеле за мајчиниот јазик.

МЕСТО ПОЕЗИЈА – ТВОРЕЊЕ ВО НАУКАТА

Следуваше ли нешто, по твојата прва збирка љубовна поезија „Стравови” која ја промовираше како гимназијалка во 2016г.? Имаш ли време и желба за творење и што?

Не. Тогаш мислев, а и сѐ уште стојам на тоа, дека такво нешто се случува еднаш во животот. Од оваа гледна точка, тие години во мојот живот ги замислувам како љубовни бранчиња што ми ја поместија земјата под нозете, ама за да се повтори таа инспирација – треба да се случи некој земјотрес. Сега имам желба за творење во наука.

Loading