„ДЕКАМЕРОН“ ЗА 73 ГОДИНИ ТЕАТАР „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ”

Театарот „Војдан Чернодрински” утревечер слави 73 години. Роденденот ќе биде одбележан со изведбата на претставата „Декамерон”, според Бокачо, во режија на Мартин Кочовски со почеток од 19.30 часот.

Драматизацијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата е од Филип Јовановски, костимографијата на Јулијана Војкова-Најман, за музиката е задолжен оркестарот на Театар „Војдан Чернодрински” под водство на Пеце Трајковски-Брада, додека вокал и музички соработник е Ана Митоска.

Играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески,  Димитар Ѓорѓиевски, Марија С. Илијеска, Ангела Наумоска, Игор трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски – Ашата, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.

„Декамерон” е претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух. Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин. „Декамерон” е претстава полна со живот. Претстава која  стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука”, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста – велат од ЦК „Марко Цепенков”..

Првата претстава во театарот „Војдан Чернодрински е “Кир Јања” од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, изиграна на 18.02 во 1950 година. Оттогаш, разните генерации актери, ределе премиери еднаподруга, нижеле успеси, а  ансамблот се збогатувал со искуство. А, денес, заради пензионирање на актери повторно е намален ансамблот. Треба да се примат повторно актери, кои и онака се дел од театарот, а се хонорарно ангажирани.

На сцената досега се прикажани околу 370 премиери, изиграни над 7000 претстави, кои ги гледале над 1,7 милиони луѓе. Најгледани и најиграни претстави во 73 годишното постоење се “Солунски патрдии” од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски и „Од кол на кол” исто во режија на Коле Ангеловски, играни над стопати.

Театарот низ годините постигна голем успех и со други претстави како “Колобан”, “Спиро Црне”, “Арсениј”, “Полковникот птица”, „Тапани во ноќта”, „Змејовата невеста”, „Клетници”… Во досегашната историја особени се бројни награди на фестивали, меѓу кои на МТФ „Војдан Чернодрински”, на Експонто во Љубљана, на МЕСС во Сараево…

Театарот изведувал праизведби на текстови од македонски драмски автори. Првпат се поставени текстовите на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески – Платнар, Трајче Крстески, Петар Петрески… Или околу 140 автори. Најмногу се играни драмски дела од  Васил Иљоски, Коле Чашуле, Миле Попоски, Брешан, Благоја Ристески-– Платнар, Голдони, Гогољ, Њушиќ…

Loading