ВОЛШЕБНО ДЕТСКО ПАТУВАЊЕ СО „ПИПИ…“

Во театарот

Во театарот се подготвува претставата “Пипи долгиот чорап” од Астрид Линдгрен, во режија на Кристина Димитрова. Наскоро се очекува премиерата на самостојниот проект на театарот.

Драматизацијата на популарниот текст е на Ивана Нелковска. Ќе играат Ангела Наумоска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески и Михајло Миленкоски.

Како театарски режисер, Димитрова често размислувала кои книги, претстави, серии и филмови и се допаѓале како дете. Тоа ја довело до  најголемата инспирација, “Пипи долгиот чорап”.

-Ми се допаѓаа волшебните светови, патувањата во далечните земји и апсурдниот хумор. Беше необично и неконвенционално. Затоа најголема инспирација  ми е драматизацијата на ова дело. Така решив да ја поставам на мојата матична сцена. Претставата ќе говори за слободата, авантурата, незавиноста и големата детска фантазија. Најмладите ќе можат да проследат претстава со многу музика, во која ќе бидат пренесени згодите и незгодите на Пипи и нејзините необични авантури. Ќе биде возбудливо едночасовно патување. Најмладите ќе почувстуваат дека се остваруваат сите соништа. Ќе се насмеат и ќе се забавуваат – вели Димитрова.

За сценографијата е задолжена Бојана А. Трпческа во соработка со Петко Ристески, а за костимите Христијан Нашуловски,  за музиката Томе Темелкоски.

“Пипи долгиот чорап” е светска детска класика, преведена на осумдесетина јазици. А авторката Астрид Линдгрен се смета за една од најпознатите светски писателки на детски книги.

Loading