ПЕСНИТЕ СЕ СПОМЕНИК ЗА ДЕЛЧЕВ

За легендата на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, се испеани многу песни. После Кралот Марко тој е најпопуларната личност во македонската народна песна. Се среќава и во народните преданија и во другите народни умотворби.

Гоце е централна фигура во македонската револуционерна поезија зашто е и најпопуларна личност во македонското револуционерно движење во еден не само бурен, туку и судбински период. Гоце е заштитник на народот секогаш најдувајќи се меѓу него. Тој е идеолог и главен организатор на Илинденското востание и борец против секакви надворешни мешања во движењето со јасна мисла што има значење и на програмско начело дека ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Претчувствувајќи го исходот од избрзаното востание Гоце неуморно ја крстосуваше цела Македонија, залагајќи се за одложување. И согоре во тој зафат.

Се појави и дејствуваше на македонската револуционерна сцена во време на засилен терор на поробувачот од една страна, и на раздвиженост на народните маси напоени со слободарски стремежи и засилени подготовки за пресметка со поробувачот. Теророт бил неподнослив и предизвикал слободарските копнежи. Во него народот нашол јунак за историската цел, да го откопа боздоганот и да ја измие сабјата на Кралот Марко и да ги наплати многу вековните долгови. “Јас ќе запустам султанот, ќе ослободам нашиот народ”. И народот безрезервно веруваше дека Гоце ќе го исполни ветувањето.

Песните за Гоце се пееле низ цела Македонија. И овчари, и жетварки, и мајката над лулката. Пееле и птиците: “Кукавици закукаја и за Гоце заплакаја”. Плачела и гората, закрилницата на храбрите и непокорните. “Расплакала се гората, гората ем планината, и од гората дрвјата, и од полето тревата, заради Делчев војвода…”. Народниот прв мотив биле “три синџири робје”. Во песните за Гоце паѓа в очи што најдобрите везилки цела Македонија со најголемо внимание везат знаме, редовно со натписот “Слобода или смрт” да го даруваат, а тој да го носи по Македонија. Бајракот опеан во народните песни е симбол на колективниот отпор, на нескршливоста на народниот револуционерен дух, симбол на вербата во конечна победа со свои сили. Најмногу му прилега на Гоце, кога тој ќе го завее.

Во песната “Црна се чума зададе” е опеана смртта на Гоце, трагичната вест што го потресе македонскиот народ. Гоце излегува на мегдан со црната чума зашто е единствениот што може да и се спротивстави и да ја пропади “од жална Македонија”. Смртно ранет ја дефинира судбината како женидба “за црна земја робинка, за жална Македонија, за црна земја поробена”.  Во народните песни за Гоце се пее како народот загубата ја доживеал како национална трагедија. Во песните блика неизмерна болка за ненадоместливата загуба, искрено оплакување на јунакот.

Народот му испеал стотици песни подигнувајќи го најголемиот споменик на својот велик син.

Црна се чума зададе

там долу в Македонија,

там долу Демир Капија.

Кој ќе се јунак избере,

чумата да ја пропади?

Избрал се јунак изнашол –

млад Делчев млади војвода,

тој појде в Македонија,

чумата да ја пропади.

Црн ми се облак зададе,

пак долу в Македонија,

там долу Демир Капија.

Дали се црни облаци,

или се Турци поганци?

Не ми се црни облаци,

ни ми се Турци поганци,

тук ми се чета кумити,

тук се војводи, четници.

Ранет ми јунак носеа

ранет ми јунак – млад Делчев,

млад Делчев – млади војвода.

Делчев дружина говори:

– Дружино, верна зговорна

вие ќе утре идите

по мачната наша земја.

Кога ќе вие мините

низ моја града Кукуша,

мајка ми ќе ве пречека,

за мене ќе се распраша:

“Каде е син ми, млад Делчев?”

Вие ќе нејзе кажите:

“Млад Делчев ми се посврши,

за девојка Македонка,

за црната ропска земја!

Loading