КВАДРАТОТ НЕ Е КОЦКА

Тргнавме да купуваме тетратка. Со квадратчиња, од големите. Продавницата голема, главно со прехранбени производи, но знаеме дека постои и штанд со училиштен прибор. Сме купувале и порано не само тетратки, туку и многу други нешта.

Влегуваме во продавницата и се упатуваме кон штандот со тетратките. Не пречекува љубезно девојче, продавачка:

-Повелете, што ви треба? Можам ли да помогнам? – вели девојчето.

-Сакам да купам тетратка, од големите, со квадратчиња – објаснуваме.

-Ако сакате да повторите? – вели девојчето. – Не ве разбрав баш најубаво.

-Тетратка, тетратка, од големите, со квадратчиња – велиме.

Девојчето зема од полицата неколку тетратки. Ги покажува и вели:

-Еве, земете. Одберете каква што ви треба. Јас не можам баш добро да ве разберам. Еве, овде има и со линии и со коцки, па одберете си.

Сакавме малку да се пошегуваме. И велиме на девојката:

-Тетратки со коцки немате и никогаш не сте имале.

-Како не – вели девојчето. – Еве овие се со коцки,- и покажува на тетратките.

-Ама не! Не се со коцки, тие се со квадратчиња.

-Добро, добро, – вели девојчето. – Ние ги викаме со коцки, а и сите ги викаат така.

Ете така. Се пошегувавме малку. Ја зедовме тетратката и одиме на каса. Ја плаќаме и си заминуваме.

Навистина, сите велат дека е тоа тетратка со коцки. И ние сме велеле така. Но, подоцна, со малку размислување, сме си рекле, зошто е тоа така? Зошто велиме сите дека тетратката е со коцки? И навистина, тоа не се коцки. Тоа се квадрати. Па нели коцката е геометриско тело. Таа има три димензии – должина, ширина и висина. А квадратот е геометриска слика, има само должина и ширина. И на квадратот и на коцката сите страни се еднакви. Но, да не навлегуваме сега во областа на математиката. Односно на геометријата. Целта ни беше да укажеме на погрешната употреба на зборот – КОЦКА.

Гледавме некој фудбалски натпревар. Играа репрезентациите на Хрватска и на Бразил. На дресот на хрватската репрезетанција исцртани се црвени и бели квадрати. И еве го сега фудбалскиот коментатор : “Лука Модриќ, капитенот на коцкастите”. Капитен на – КОЦКАСТИТЕ. Нашиов коментатор овде прави две грешки. Прво, не станува збор за коцки на дресовите туку за квадрати. А додека се игра натпреварот, постојано го слушаме зборот – КОЦКАСТИ.

Втората грешка е во самата форма на зборот – КОЦКАСТИ. Како обично и многу често, земена е српска форма. Нашиве коментатори го имаат слушано тоа од нивните српски колеги и го употребуваат тој збор без да знаат или без да размислуваат дека во нашиот јазик тоа не може и не смее така. Ако веќе се оди на тоа од именката – КОЦКА, да се произведе придавка, тогаш таа ќе биде – КОЦКЕСТ (коцкести) а не – КОЦКАСТ (коцкасти). Нашата наставка е “ест” а не “аст”. Постојат многу примери: плеќест, мускулест, шилест, влакнест, брадест, па според тоа и – КОЦКЕСТ.

Оваа грешка со наставката “аст “ ја слушаме мошне често во многу други случаи. Сега, во последно време, на сите наши телевизии се емитуваат програми од областа на кулинарството. Премногу е тоа. Се “прејадовме” од слушање на разни рецепти и разни јадења. Но, мошне често, и од слатките јадења ни се бурбати. Од грешките што ги слушаме. Не еднаш сме чуле дека е многу корисно да се јадат “јаткасти “ плодови – ореви, бадеми, лешници и друго. Редовна грешка е придавката “јаткасти”. Рековме, нашата наставка е “ест” а не “аст”. ЈАТКЕСТИ плодови а не ЈАТКАСТИ. Така гласи нашата придавка од именката – ЈАТКА.

Loading