СДСМ: ЌЕ СЕ РАЗБУДИ ЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈОВЧЕСКИ ОД 15-МЕСЕЧНИОТ СОН?

“И третата календарска година од својот мандат, градоначалникот Борче Јовчески ја започна онака како што тоа го прави уште од првиот ден на неговиот избор – безидејно, без знаење и желба да го работи она за што ја доби довербата од граѓаните. 15-месечната хибернација и неговата неспособност да ги решава проблемите, го претворија градот во обична паланка, во која урбанистичкото дивеење, раскопаните улици и кучињата скитници, станаа наше секојдневие”, вели Мики Крстев, секретарот на ОО СДСМ Прилеп во соопштението до медиумите.

Според него со амин на Јовчески, пред очите на прилепчани, како печурки после дожд во центарот на градот никнуваат дивоградби.

– Прилеп е потонат во мрак, населените места се целосно заборавени. Граѓаните ја изгубија надежта дека барем едно негово изборно ветување ќе го здогледа светлото на денот. Некадарноста на градоначалникот Јовчески да ги подобри условите за живот на прилепчани оди дотаму, што не го бива да ги реализира ниту проектите почнати од неговиот претходник. Негова е вината што градинката во Точила уште не е завршена, што зјае празна, оставена на забот на времето. Наместо во градинка, 250 дечиња седат дома. Финансиската штета од отсуството на нивните родители од работните места, семејства ја мерат во илјадници евра. Огромна е штетата која градоначалникот Јовчески ја прави и во локалната самоуправа. Заради неговата суета и пресметка со неистомислениците од неговата партија, Општината во моментов е без секретар и без раководител на Секторот за урбанизам.  

Наместо професионалци, во локалната самоуправа инсталираше паралелна администрација која, освен што на годишно ниво троши 300.000 евра, нема никаков придонес во подобрувањето на ефикасноста во работењето. 

Никој повеќе нема дилема дека Борче Јовчески е најнеспособниот градоначалник во историјата на Прилеп. Од неговото (не)работење се оградува и партијата која го кандидираше како и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, чија поддршка ја имаше на почетокот на мандатот. Отаму, сосема е разбирливо што неговите сограѓани го доживуваат и го дефинираат како најголема „елементарна непогода” која досега ја зафатила општина Прилеп – смета Крстев.

Loading