ФРЛАЊЕ НА КРСТОТ ВО ВЕШТАЧКОТО ИЛИ ПЛЕТВАРСКОТО ЕЗЕРО?

Како ќе се организира в година празникот Водици 2024

Четиринаесетгодишниот Марко Ристески, ученик во ОУ „Блаже Конески” вторпат беше највешт и успеа да го фати светиот крст од осветените води од базенот во дворот на црквата Свето Благовештение. Учествуваа 19 момчиња и една девојка, од 10 до 16 години. Положување на светиот крст се изврши и во црквите во повеќе населени места. Најголема атракција беше влегувањето со крст во водите на Плетварското езеро кое трета година го организира група прилепчани.

Му треба ли на градот поголема масовност и поинаква организација на чинот на осветување на водите на празникот Богојавление или Водици? Треба ли зад одбележувањето да застане здружение на граѓани, иницијативен одбор или можеби координативно тело кое ќе ги усогласи активностите и комуникацијата меѓу црквата, локалната самоуправа, бизнис секторот и сите чинители кои ќе придонесат за безбедно и достоинствено одбележување на празникот?

Во минатото, празникот Богојавление се одбележувал со пуштањето на гулабите во дворот од црквата Св. Благовештение по Светата божествена литургија. Традиционалното „летање на гулабите” е симболика на Светиот дух кој во вид на гулаб слетал на реката Јордан во моментот кога Исус Христос бил крстен од Јован Крстител.

Старите прилепчани не паметат организирано фрлање на крст. Манифестацијата доби масовност пред десеттина години и чинот се одржуваше на градскиот базен или пак во базените на неколкуте хотели во градов.

Последно организиран масовен настан за Водици се одржа во 2020 година. Заради пандемијата, во 2021 година свештениците од црквата Благовештение го организираа во базенот, односно фонтаната која беше изградена пред празникот. За продолжување на традицијата годинава, црковните “власти” одлучиле за организирање на црковниот настан. Дознаваме дека заради малиот простор, односно поради големината на базенот да учествуваат само ограничен број деца. Би соработувале со граѓанско здружение кое би ги почнало подготовките веднаш и би ги координирало институциите и установите кои би биле вклучени во организацијата.

Според реакциите во јавноста, некои граѓани сметаат дека не треба да се ограничува возраста, да има и најмлад и најстар учесник. Други предлагаат организирање на Вештачкото езеро со организиран превоз.

Голем интерес и поддршка предизвика чинот на положување на светиот крст во езерцето кај селото Плетвар. Три години настанот го организираат група ентузијасти. Претходните две години, кога езерцето беше замрзнато, положувањето на крстот се одвиваше во мразот искршен во форма на крст, а годинава формата на крст на површината на водата ја направиле со дрвени гредички. При излегувањето од водата крстот се предавал на следниот пријавен. Учествувале десетина момчиња и 4 девојки. Кум бил Робе Митрески кој што кумството за наредната година го предаде на Игор Димоски. Сакаат настанот в година да прерасне во централна манифестација за одбележување на Богојавление во Прилеп. Најавуваат поголема организација и повеќе прилепчани кои ќе нуркаат по крстот во водите на езерото за духовно раѓање.

Оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Поголем број општетствено одговорни компании сакаат да бидат донатори на настанот и да врачуваат подароци на учесниците.

Од Локалната самоуправа ја поддржуваат идејата в година организатор на настанот да биде посебно здружение.

ЧИНОТ СЕ ОДРЖА И ВО СЕЛАТА

Освен во Прилеп, чинот на положување на Светиот Крст во водите во чест на Христовото Богојавленије, се одржа и селата Селце, Витолиште, Бешиште, Ново Лагово, Мало Коњари, Големо Коњари, Беровци, Клепач, Ерековци, Полчиште, Галичани, Чепигово, Подмол, Тополчани, Штавица и Загорани, каде присуствуваа советници од Советот на Општина Прилеп, а во некои населени места на овој чин присуствуваше и градоначалниот Борче Јовчески и Дејан Проданоски, претседателот на Совет на Општина Прилеп.

ВОДИЦИ Е НЕРАБОТЕН ДЕН ОД 2007

Водици како празник е воведен во 2007 година со последната измена на Законот за празниците. Тогаш како неработни денови беа укинати 2 јануари, 2 мај и 29 ноември, а на листата беа додадени три нови државни празници и шест верски празници и празниците на заедниците. Од 2007 година како државни празници неработни се 24 Мај – Св. Кирил и Методиј, 23 Октомври – Денот на македонската револуционерната борба и 8 Декември – Св. Климент Охридски, а како верски празници се воведени Бадник, Велипеток, Водици, Задушница, Голема Богородица, Рамазан-бајрам, за католиците како неработен е воведен Денот на мртвите, а неработни денови добија и заедниците.

Loading