МАКЕДОНСКА МОЛИТВА ВО ГРЦИЈА

Во црквата Света Злата Мегленска во Соботско (Аридеа)

Изградена е првата црква Свети Злата Мегленска каде се служи на македонски јазик во Егејска Македонија, во Аридеа или Соботско, Воденско. После велигденските празници божјиот дом конечно ќе биде живописан. Македонците ќе крштеваат, венчаваат и ќе испраќаат упокоени на последниот пат во грандизно духовно светилиште. Со божја промисла, силна волја и помош од дијаспората, градбата траеше 18 години во амбиент на сериозни закани од локалното грчко население. Градбата главно е финансирана од македонската дијаспора од Америка, Канада и Австралија.

Македонската црква е дело на архимандритот Никодим Царкњас. Тој е етнички македонски и православен монах во поодминати години. Повеќе од деценија се бори со опструкциите на грчката црква и државата да се крене православниот храм. Изгонет од грчката црква и затворан, свештеникот е упорен и посветен на борбата за признавање на правото на сопствен јазик и црква на Македонците во Северна Грција. Како симбол на движењето на македонците од Егејска Македонија за остварување на националните, политичките и верските права, тој се жали дека грчката држава продолжува со опструкциите со аргументи дека приливите од странство за црквата биле од сомнителни извори. 

Царкњас стравува дека поради растот на антимакедонските тенденции во Грција, сериозна е заканата за Македонците во иднина. Тоа го поткрепува со заканите дека темните сили ќе ја запалат црквата.

Според него, Синодот на МПЦ недоволно се грижи за македонското малцинство во Грција. Слаба била поддршката и од македонските власти. Тие биле премногу тивки што го обесхрабрува македонското малцинство во Грција.

За одлуката на Цариградскиот патријарх од вселенската патријаршија од 9 мај, тој е на став дека историското име на црквата на Македонците е Охридска архиепископија.

– Како може да се признае една црква без народ. Народот не е охридски, туку македонски. Црквата е Охридска архиепископија, ама таа припаѓа на македонскиот народ. Не може мајката да биде ќерка ни на српската, ниту на бугарската црква. Треба да се издржи. Ќе поминие и руско-украинскиот проблем и сé ќе дојде во ред. Трпение – спасение. Името Македонија да не се дава – вели архимандритот Царкњас, кој е свештено лице на МПЦ-ОА, а како таков не е признат во Грција.

Храмот е посветен на Света Злата Мегленска и е дел од Европската Епархија на Македонската Православна црква-Охридска Архиепископија. Ова верско светилиште датира од пред 2000 година. Седумте барања за црква на Македонците биле одбиени со образложение оти нема такви луѓе во Грција и нема потреба за црква. Подоцна е побарана дозвола за место за собирање народ, на што грчките власти не можеле да опонираат. Првата литургија била во 2000 година. Оттогаш има литургии во неделите. Се одржуваат на македонски и на грчки јазик. Се прават и свадби. Била одржана и погребната церемонија за татко му на Царкњас и за внукот од брат. Се собрал многу народ, покрај заплашувањето од властите.

Според отецот Никодим Царкњас ова е единствена македонска црква која го охрабрува народот за поголемо присуство не само на неделните литургии, свадбените церемонии, туку и за крштевки кои засега не се случуваат.

Царкњас е етнички македонски, православен монах. Роден е во Соботско, Воденско, Егејска Македонија во 1942 година. Со својата упорна и посветена борба за признавање на правото на сопствен јазик и црква на Македонците во северна Грција, тој е водечка фигура и симбол на движењето на Македонците од Егејска Македонија за остварување на националните и политичките права. Во 1973 бил замонашен како член на грчката православна црква. Во 1991, на позиција архимандрит, бил протеран од Црквата во Грција со обвинение за сериозно нарушување на етиката. Бил суден пред црковното правосудство и во 1992 година бил исфрлен од грчката црква. За упорноста, отслужил и затвор. Бил понижуван. Иницијатор е на постапката пред Судот во Стразбур против Грција за да овозможи законски регистрирана црква која ќе богослужи на македонски јазик и озаконување на сите црковни и духовни активности.

Добитник е (2006) на признанието Духовен воин, што го доделува културната манифестација “Македонски духовни конаци” за смиреноста и истрајноста во заложбата за проповед на македонски јазик.

Loading