НЕКОЈ ДОЈАВА СО КОЊОТ !

Во нашава држава постојат три речници на македонскиот јазик: Првиот, најстариот, и според нас најдобриот – тритомниот Речник на македонскиот јазик. Вториот е новиот Толковен речникот и трет е речникот на Зозе Мургоски. Се разбира, тука е и Правописниот речник, но со помал фонд на зборови. Како посебен вид е Дигиталниот речник, но на него човек не може да се потпре со некоја поголема сигурност.

Сево ова го пишуваме само за еден збор, за именката – ДОЈАВА. Ја нема во ниеден речник, но ја има премногу во речникот на нашиве новинари. Премногу. Текстов го пишуваме кога зачестија пријави за поставување бомби во многу наши училишта. Велиме – “Зачестија пријави”. Но така велиме ние, а новинарите (буквално сите) известуваат дека имало ДОЈАВИ за подметнати бомби.

Од каде оваа “епидемија”, сите како договорени, по којзнае колку пати велат дека пристигнала дојава. Во случајов, тој збор ако веќе се употребува, би требало да е именка, од женски род. Ги набележавме погоре сите речници на македонскиот јазик. Драги наши новинари, проверете, во ниту еден речник нема да го најдете тој збор како именка. За ова сме се изјаснувале и порано, но сега почесто го слушаме и тоа не натера повторно да пишуваме.

Зборот “дојава” (ако се употребува како глагол) е глагол во минато определено свршено време. Еве го објаснувањето во Толковниот речник: Дојава – значи да пристигне некаде со јавање. Еве еден пример: “Дојаваа тројца на коњи”. Таму има и толкување дека некој завршил со јавањето и има пример: “Ја дојава старата маска”. Во тритомниот Речник толкувањата се дадени на српски јазик: Дојава – дојахати, завршити јахање.

Од сево ова се гледа дека зборот ДОЈАВА е глагол а не именка. Од каде сега го измислија, кој ли го измисли тој збор? Каква мана и најдоа на именката ПРИЈАВА? Во речникот, за зборот (именка) ПРИЈАВА меѓу другото вели – пријавување, јавување. Значи дека некој нешто јавил, пријавил. Можеби може во ваквата ситуација да се употреби и глаголот – “известил”. Сигурно дека има, дека постојат и други решенија, но чудно е од каде се најде и зошто се најде зборот – ДОЈАВА, особено пак кога го имаме тој збор со сосема друго значење, како глагол. Во Граматиката на Блаже Конески објаснето е во какви случаи се користи префиксот “до”: Главно од несвршени глаголи се употребуваат со значење на докрајно извршено дејство: тера – дотера, влече – довлече, клинка – доклинка, трае – дотрае, па според тоа и ЈАВА – ДОЈАВА.

Да заклучиме: Зборот ДОЈАВА е глагол од минато определено свршено време, а не е именка од женски род. Сосема погрешно е кога слушаме дека пристигнала дојава за подметната бомба.

Идентичен е случајот и со употребата на измислениот глагол – ПРЕПУКА и глаголската именка ПРЕПУКУВАЊЕ. Што ли значи тој збор? Ништо! Непотребно калкирање од српскиот глагол – “препуцавати”! А сите, и новинари и политичари штом ќе видат некои меѓусебни напаѓања, навредувања и слично велат дека тие се ПРЕПУКУВААТ. Чудно е тоа. Штом ќе влезе некој збор во употреба и како епидемија се шири во нашиов јазичен простор. Сите го употребуваат, и никој не му застанал на патот да укаже на грешката која е голема и бесмислена.

Замислете, кога ќе видиме двајца да се караат треба да речеме дека ете ги тие се препукуваат.

Ние имаме глагол “препукне”. Во Речникот е даден пример: “Од жал срцето му препукна. “

Ќе ни препукне ли срцето од вакви глупости, од вакви апсурди од ваква НЕОДГОВОРНОСТ?                                                                                                                

Loading