СРПСКА ОКУПАЦИЈА, НАМЕСТО ФЕС

110 години од поделбата на Македонија

Пред 110 години, по победата на земјите од Балканскиот сојуз против Турција во Првата балканска војна, завршило повеќе вековното турско ропство во Македонија, а со тоа и во Прилеп и прилепско.

Прилеп паднал под османлиска власт во 1385 година. Со градот и поголемиот дел од Македонија владеел кралот Марко (1371-1395), како турски вазал. По 527 години турско владеење, Прилеп е ослободен од едно ропство, но паднал во ново од српската власт, освоен од српската армија.

По Илинденското востание и Младотурската револуција, балканските земји го согледале стремежот и готовноста на македонскиот народ за самостојно национално ослободување по цена на многу жртви. Затоа презеле територијални проширувања за сметка на Турската империја. Владите ја пуштиле паролата за “ослободување на браќата од турското ропство”, која влевала надеж кај поробените дека ќе им донесе слобода во војната на балканските народи против Турција. Многу Македонци се бореле со самостојни воени единици  и во редовите на балканските војски.

Склучени се сојуз против Туците прво меѓу Србија и Бугарија 1912 г, потоа меѓу Грција и Бугарија, па меѓу Грција и Србија и Бугарија и Црна Гора и меѓу Србија и Црна Гора. Создаден е балканскиот сојуз и услови за Првата балканска војна на сојузниците против Турција.

Српско – бугарскиот договор имал таен анекс за најголемиот дел на Македонија од Шар Планина, Родопите, Егејското Море и Охридското Езеро. Во спорните територии биле и прилепско. Арбитер требало да биде рускиот цар.

Повод за Првата балканска војна бил крвавиот терор на османлиите во Македонија. Балканските армии со околу 720 000 војници биле успешни на сите фронтови. Македонците масовно се приклучиле во војските против Турците. Во редовите на Македонското одринско ополчение (доброволци), во Бугарската армија војувале околу 15 000 Македонци. Најмногу биле пратени на тракискиот фронт. Македонци влегувале и во српската и грчката војска. Дејствувале и 78 самостојно организирани македонски чети со околу 2000 комити. Најактивна била четата на Јане Сандански со 500 борци. 

Македонците сметале дека ќе се ослободат и ќе извојуваат самостојност, не гледајќи ги заткулисните игри на балканските земји, кои, преку војната сакале да ги остварат територијалните претензии во Македонија.

Воените операции ги почнала Црна Гора на 8 октомври 1912 година. Се приклучиле и Србија и Бугарија на 17 октомври, а Грција на 18 октомври. Првата балканска војна продолжила со битката кај Куманово, од 23-25 октомври 1912 година меѓу српската и турската војска. Србите се насочиле кон западниот дел на Македонија, вклучувајќи го прилепско. Кај превоите Дервен или Присадски преслап и Плетвар, на 3 и 4 ноември 1912 година, се водела битка меѓу српските сили спроти турската коњичка бригада и еден жандармериски баталјон. Кон Србите се придружиле доброволци од околните села кои дале голем придонес за протерување на Турците. Ги водел војводите Воин Поповиќ – Вук, Василије Трбиќ и Јован Бабунски. Во битката загинале 30 борци, македонски доброволци, а турската војска се повлекла кон село Алинци и Бакарно Гумно. На 5 и 6 ноември се водела познатата Алинска битка, во која српската војска извојувала победа со многу жртви, а помогната од Македонци. Турците заминале преку Црна Река, кон Битола, а Србите биле пречекани во Прилеп како ослободители, со надеж дека ќе му помогнат на македонскиот народ во националното ослободување. Понесена од победата, српската војска организирала голема воена парада низ Прилеп.

Воените операции продолжиле кон Битола, каде од 16 – 19 ноември, во реонот на село Гопеш и превојот Ѓавато, се води познатата Битолска битка, со која практично завршила Првата балканска војна. Турците биле целосно протерани од Македонија. Наместо слобода, за народот настапил нов период на угнетување, економска експлоатација, асимилација и денационализација.

Турција го прифатила Лондонскиот мировен договор на 30 мај 1913 година. Српските војски ја окупирале Вардарска Македонија, Бугарите ја зазеле Источна Македонија, а грчките сили, Егејскиот дел. Балканските земји не се задоволиле ваквиот туѓ плен. Се отворила Втора балканска војна меѓу балканските сојузници.  

Се влошила уште повеќе положбата на македонското население. Во српскиот окупиран дел биле укинати училиштата финансирани од црковните општини. Некои учители биле прогонувани и малтретирани, оти не се декларирале за Срби. Повеќе учителите биле присилени да ја напуштат Македонија. Затворени и протерани во Бугарија биле 179 учители. Тоа лошо се одразило на образовниот процес. Српските власти формирале училишта во Прилеп и селата да ја спроведат денационализаторската политика.

Тероризирано било свештенството. Дел припаѓало на Егзархијата. Било третирано за великобугарска пропаганда. Се притискало свештенството да се откаже од Егзархијата и да ја прифати Српската православна црква. Се создало ново архиерејско намесништво за спроведување на великосрпската политика. Властите  го тероризирале и ограбувале населението со разни форми на одземање на граѓанските и политичките права. По пат на реквизиција, на населението му се одземала храната и други производи. Се вршеле и организирани грабежи на природните богатства, шуми, руди и друго. 

Поделбата на Македонија од Првата продолжила и по Втората балканска војна со Букурешкиот мировен договор од 1913 година. Не било поинаку и по Првата светска војна и Париската мировна конференција од 1919 година. Овие мировни конференции биле погубни за Македонија.

Вештачката поделба ја гледаме и денес во поделената и распарчена етничка Македонија. Тоа претставува грубо газење на правото на македонскиот народ за ослободување и национална еманципација. И во такви услови, копнежот за слобода никогаш не згаснал и е присутен во свеста на Македонецот кој бил животно заинтересиран за својот опстанок и за иднината.  

Рубин Белчески –  историчар

Loading