ДАМЕВСКИ НАМЕСТО БАБУНСКИ

Фудбал: Петти ден тренинзи на Победа

Понеделникот беше почетокот на подготовките на Победа за пролетната етапа од Прва лига на Македонија. Првиот тренинг беше на Градскиот стадион, а претходно средбата на Управата и Стручниот штаб со над 20 фудбалери. На позицијата стратег – шеф на Стручниот штаб, наместо Бобан Бабунски, е Благојче Дамевски. Беше капитен, минатата есен помошник-тренер и одлично ја познава состојбата со играчкиот кадар.

– Се познаваме сите. Можеме да имаме дисциплина и во соблекувалната и на теренот, за да личиме на сериозна екипа. Да си помагаме меѓу себе: ние – вам и вие – нам. Нé очекува лавовска борба за опстанок. Убеден сум дека ќе успееме. Услов е максимално да се подготвиме – се обрати Дамевски на играчите.

Тренинзи, освен на Градскиот, има во вежбалницата Картуш, како и на теренот кај Могилата. Следната недела можно е да се замине надвор од Прилеп. Закажани се пријателски мечеви со Феризај, Охрид, Сремска Митровица, Пелистер, Гостивар. Можно е да се најде уште некој ривал. Од играчкиот кадар од странство се смета на Нигериецот Амос Дадет, Ганецот Ерик Амо, Србинот Огњен Ѓурковиќ. Се прават напори да остане и Белгиецот Амасихоху Џејмс. Деновиве доаѓаат повеќемина Африканци, потенцијални засилувања. Повратници се заздравените од повреди, Јорданчо Наумоски и Игор Паноски.

Подготовките се до 19 февруари, кога продолжува првенството со мечот Победа – Работнички.

Loading