ТЕСНОЛИНЕЈКА  ОД ПЛЕТВАР ДО ПРИЛЕП, И КОН БИТОЛА

–  Жичарница меѓу Дреново до Плетвар

– Локомотиви и вагони се движеле на пруга од 60 сантиметри

За време на Првата светска војна, меѓу 1915 и 1918 г., се појавила потреба од побрз пренос на стоки и материјали посебно за воени цели. Низ Македонија биле иградени две железнички линии со тесен колосек (теснолинејка) со ширина на колосекот од 0,6 м, и тоа на правците Градско – Прилеп – Битола и Скопје – Гостивар – Кичево – Охрид – Ташморуниште

На 26 февруари 1916 година, почнала градбата на пругата со тесен колосек, Градско – Дреново долга 20 км. за потребите на македонскиот фронт. Пругата е завршена во почетокот на април истата година. Градена била во две фази. Поради непристапниот терен и побрзо решавање на транспортните проблеми со обезбедување на резерви за фронтот, на просторот каде пругата не била уште изградена е изградена жичарница која се спојувала со транспортниот центар во Прилеп, од каде што по железнички пат се транспортирала до фронтот.

Едновремено се градела жичарницата и пругата. Германската команда барала континуирана линија од Градско – Прилеп – Битола. Но, повтореното снимање го покажува крајно тешкиот и стрмен терен за трасата. На 15 ноември 1916 година е издадена заповед за градење само на железничката линија Плетвар – Прилеп поради надолнината и ефикасната товарна искористеност. Инженериска чета ја градела пругата Плетвар – Прилеп. Извршени се земјени и камени ископи и премостувања со дрвени мостови во должина од 670 метри. Имало план за пруга до Лерин, но по заземањето на Битола од силите на Антантата и поместувањето на фронтот, пругата е изградена само до селото Беранци (26 км.). Во близина на селото Алинци имало железничка станица каде еден крак (8 км.) се делел до транспортниот центар Канатларци, од каде по земјен пат се носеле залихи на фронтот, а другиот крак кој поминувал преку селата Веселчани, Обршани, Воѓани, Бучин, Мургашево (Демир Хисар), Свињиште, Лера и крајна станица транспортниот центар во Кажани.

По Првата светска војна во Македонија се затекнати 23 локомотиви близначки, односно 11 чивта и еден распар. Предноста кај локомотивите близначки е тоа што биле едноставни за маневрирање. Лесно можеле да се разделат во две посебни локомотиви. По војната никогаш не се употребени како парови. Сите работеле поединечно. Бидејќи по војната во Кралството СХС се запленети многу локомотиви, некои никогаш не биле поправени. Во 30-те години повеќето се уништени. Две се пратени во Црна Гора, некои се најмени во рудниците и ложилниците во Македонија и Србија.

По војната се обновени дел од пругите и се оспособени за превоз на патници и стоки. Пругата Прилеп – Битола (64,7 км) пуштена е во 1919 г., пругата Градско – Прилеп (70 км) пуштена е на 6 август 1919 година. Пругата меѓу Прилеп и Битола минувала преку дрвен мост на реката Црна. Оваа рута била затворена во 1931 г., поради изградбата на пруга со нормален колосек Градско – Прилеп. Старата била демонтирана во 1949 г.

Loading