КОЈ ЌЕ ЈА ВОДИ ПОБЕДА ВО ШТИП?

Фудбал

Прашањето е отворено по разделбата на клубот со досегашниот тренер Бобан Бабунски. Се случи два дена по ремито (0:0) дома со Скопје, во 17. рунда на фудбалската Прва лига на Македонија. Околу причините нема службени изјави и информации дали е скромниот бодовен фонд, дали тешката финансиска состојба или нешто трето. Претстои уште последниот есенски меч  в недела, со Брегалница во Штип. Треба да сочекаме околу тоа кој ќе ја води таму Победа, дали некој од досегашните помошници – Благојче Дамевски, Сребре Стефаноски и Дејан Кебакоски или некој нов.

Бабунски дојде летоска. До разделбата Победа имаше 3 победи, 3 нерешени и 9 пораза во првенството, а 1 победа и 1 пораз во Купот. Беше заедно со младинската екипа на двата меча од Младинската лига на УЕФА, со Колерајн од Северна Ирска. Многумина очекуваа да остане, како големо фудбалско и тренерско име и професионалец, поранешен селектор. Повеќепати кажуваше дека има намера да остане до крајот на есенскиот дел, план од кој го делеше само еден меч, гостувањето во Штип.

Табела: Струга 36, Шкупи 31, Шкендија 28, Силекс 26, Тиквеш 23, Брегалница 20, Работнички 18, Македонија ЃП 17, Академија Пандев и Победа по 12, Скопје 10.

Loading